Фотографии: Лилика Стрезоска
Замисли си ја следната ситуација: чекаш гости, спремна си со намирници за паста со песто, но во последен момент се случува пресврт.
Ти се јавува твојот другар месождер. Или уште полошо – најавените другарки со себе ги носат дечковците кои само што завршиле со тренинг. Што треба да направиш во ваквата навидум безизлезна ситуација?
Јас веќе пробав и успеав да најдам решение. Најголемиот, вистински предизвик во ситуацијата признавам, беше одбирање на правилна сланина, со другите проблеми лесно се снајдов.
Ако ме прашаш, за доручек, ручек и вечера ќе ти предложам паста. Не верувам дека постои ситуација за која паста не е вистинскиот одговор. А за оние навидум беизлезните, решението е паста карбонара.
Затоа, ако инсистираш да си го задржиш реномето кај пријателите карнивори, зготви сос со месо.
Потребни состојки за две порци паста карбонара:
- 200 грама сланина;
- Половина чаша крупно изрендан пармезан;
- 150 милилитри павлака за готвење (или обична павлака);
- Три главици лук;
- Сол по вкус;
- Едно јајце (по вкус, не е неопходно);
- Маслиново масло
Инструкции:
1. Одбери ја правилната сланина, внимавај и не земај веќе готови парчиња. Отиди до штандот каде сечат месо (нека не те мрзи, почекај ред и одбери го правилното парче).
2. Исечкај ја сланината на коцки, а потоа исечкај го и лукот.
3. Прво на тава стави малку маслиново масло и пропржи ги коцкиците сланина. По некое време на сланината додај го лукот, па по некое време пармезанот и павлаката.
4. За крај, кога сосот ќе се згусти, по твој вкус можеш да додадеш и едно јајце.
5. Во меѓувреме свари ја пастата ал денте, според инструкциите на кутијата.