Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Според една (не)италијанска изрека – не можеш да згрешиш со паста.

Сериозно сум убедена дека треба да поседуваш посебен сет на таленти за да утнеш паста. Да, има разлика од паста – до паста, и има разлика од преварена до ал денте, не викам дека нема. Но за разлика од правењето лазањи, што го сместувам во уметност, а не во готвење, сè што треба да правиш е да ги следиш упатствата на амбалажата. А под упатства мислам број на минути.

Токму затоа пастата е најприсутниот оброк на сите организирани домашни вечери, ручеци, собиранки и твојата последна шанса за спас кога умираш од глад.

Има повеќе причини зошто ја ставам пастата на пиедестал, над сите други форми на јадења: (1) Кога немаш инспирација за готвење, секогаш можеш да одбереш помеѓу различните видови на паста; (2) Паста оди добро буквално со сѐ; (3) Можеш да ја готвиш на каков начин ќе посакаш, да ја пржиш, вариш, печеш; (4) Се јаде во било кое време во денот; (5) Нема да заглавиш во перење загорени садови (најверојатно); (6) Целата филозофија е во сосот, кој во моменти на ниска самодоверба можеш да го купиш готов.

Да се надоврзам на последниот аргумент. Да, сосот секогаш можеш да го купиш. Но, ако ја следиш рецептава ќе имаш феноменален сос со кој можеш секогаш да се пофалиш дека е припремен од тебе и само од тебе и твоите раце.

 

Состојки за две порции макарони (penne) со песто:

  • 150 гр. пињоли (од искуство кога ќе ги барате по маркети, продавачките сигурно ќе се збунат, така што ако не најдете пињоли, слободно заменете ги со ореви. Како што направив јас, после плаќање за џабе паркинг во три маркети.)
  • Свеж босилек (што повеќе – тоа повкусно, 2 пакувања се нормална количина)
  • Половина чаша крупно изрендан пармезан
  • 3 главици лук
  • Половина чаша маслиново масло
  • Сол по вкус

 

Инструкции:

1. Во блендер исситнете ги заедно оревите, лукот и прстофат сол. Одвојте ги листовите на босилекот и додадете ги во блендерот.

pesto-1

 

2. Додадете го маслиновото масло. Додадете го изренданиот пармезан (за вкус може да додадете и малку исцеден лимон).

pesto-4

 

3. Voilà! Мачкајте на макарони и уживајте!

pesto-5-copy

 

Comments

comments