Дали и ти не знаеш колку вода треба да зовриеш за да направиш супа? Не ја знаеш разликата помеѓу таљатели, њоки и фунги? Не знам ни дали точно така се викаат. Во сè ставаш кечап? Од зачини користиш само сол и вегета? Под готвење за него/неа подразбираш повикај пријател (Ресторан Bravos)?

Не се грижи — ја споделувам истата болка и веќе долги години се борам со неа. Пред некое време дури успеав да направам пожар во кујната. Не преувеличувам. Вистински мал пожар. Ама не сум толку безнадежна. Сепак имам некаков осет за храна и пијалок — како на пример, знам да изберам добро вино. Најважно е дека студиозно пристапувам на проблемот — искрено сакам да научам да готвам и убедена сум дека еден ден сестра ми од мене ќе бара совет.

 

 

Од сакањето тргна сè. Откако мајка ми престана да се труди да направи готвач од мене (не ја обвинувам), прво почнав да барам курсеви за готвење. Да бидам искрена, не се потрудив многу, а плус сфатив дека таа опција не е баш евтина. Следно ги прашав Gordon, Jamie и Cooking Lessons for Beginners. Пробав, се потрудив, експериментирав… на крајот мојот резултат никогаш не изгледаше како нивниот, а и на вкус не беше ништо посебно.

Во тој момент решив да пробам да готвам со дечко ми, и тука веќе се случи пресврт. Имаш помош, имаш друштво, и имаш кој да го изгаси пожарот во кујна.

После неколку успешни рецепти, решив да го документирам мојот прогрес во кујната и да го споделам со нашите читатели во склоп на новата секција на Reborn која ја викаме #НеМеБиваЗаГотвење, наменета за сите до-сега-безнадежни-готвачи. За оваа прва „епизода“ на #НеМеБиваЗаГотвење, се собравме на една #RebornKitchen дружба и направивме Супа од тиква (зошто така налага сезоната). Подолу можеш да го најдеш REцептот заедно со фотографиите на Лилика Стрезоска и да ја спремиш супава и во твојата кујна.

 

Потребно:

  1. Една супа од кесичка, никако онаа со петлето
  2. Една печена тиква со цимет и маслиново
  3. Еден кромид
  4. Млеко
  5. Маслиново масло
  6. Мед
  7. Блендер

 

Инструкции:

1. Свари ја супата (има инструкции позади). Испечи ја и излупи ја тиквата. Една поголема главица кромид со две лажички мед ги пропржуваш во маслиново масло. Ќе добиеш три смеси. 

 

2. Стави ги трите смеси во блендер.

 

3. Откако сè ќе се избленда убаво, додај млеко и маслиново масло.

 

4. На крај, додај лист спанаќ за декорација и уживај во потажот (паметен збор за ваква супа) кој скроз сам го приготви.

 

Со среќа готвење!

 

Comments

comments