Фотографии: Лилика Стрезоска
Со Дона одлучивме дека ќе направиме сè што е во наши моќи за оваа година да отидеме во Мексико за време на Dia De Los Muertos.
Да погодам, кога ќе слушнеш за Мексико, прво што ти паѓа на памет е Antonio Banderas како свири класична гитара. Сфаќам… Зашто глумеше во „Once upon a time in Mexico“ и зашто во филмот свири гитара. Ок, ама грешка си. Antonio не е Мексиканец, он е Шпанец.
Подобра асоцијација би била Salma Hayek — и она беше во филмот, и она уствари е Мексиканка. Да речеме и да не беше, сепак е попријатна визуелизација, така да поправи си ја референтната точка.
Ок, значи Мексико, Salma Hayek, што е следно?
Нарко картели, така?
Wow, телевизијата целосно ти ја загадила фантазијата. Друго?
Frida!
Ок, и тоа е Hollywood, ама за нијанса подобро. Следно?
Мексиканска храна.
Таму лежи инспирацијата за рецептот оваа недела: Такос.
Порака до сите реални познавачи на храна кои уствари биле во Мексико и јаделе вистинска мексиканска храна (јас не сум бил, ама наскоро со Дона, нели): Овој конкретен Тако рецепт повеќе е „Tex-Mex“ стил (што е американизираната верзија на мексиканска храна — да, да, има американска верзија од сè, па дури и ајварот во македонските сокаци на New Jersey e прилагоден да содржи популарни американски состојки како сланина и чедар сирење).
Состојки:
- 0.5 кг. чисто говедско мелено месо (немој да купуваш мешано со свинско!)
- 2 домати
- Пола глава црвен кромид
- Марула
- Кашкавал
- Павлака
- Тортиљи
- Мексикански зачин — ова е поготово битно, без него вкусот е тотално различен
- Мексикански сос
Инструкции:
1. Зготви го месото
Кога ќе почне да добива боја, додади го мексиканскиот зачин. Зготви го убаво, додека не стане целосно кафено.
2. Припреми Pico De Gallo
Исечи ги доматите и кромидот на мали коцки, за да направиш Pico De Gallo. Ова е всушност наједноставната верзија на Pico. Ако сакаш да го направиш на оригиналниот, вистински начин, тогаш додади коријандер, зелена пиперка, лимета и лимон (тука има добар рецепт).
3. Растопи го кашкавалот
За крај, земи една од тортиљите, стави ја на тавче и греј ја 1-2 минути. Додади парче кашкавал и затвори го тавчето за кашкавалот да се растопи. Кога ќе имаш сè спремно, твојата станица за послужување на Такос треба да изгледа вака:
4. Направи го Такото
Почни со месото, додади Pico, марула и од сосовите. Одлично иде со чипс и со пиво.