Насловната илустрација е позајмена (со дозвола) од Miguel Montaner

 

Веќе пишував за заедничкиот сон на македонската младина – првото работно место да биде или менаџерско или никакво. Но кога ќе почне реалноста да чука на врата, се прифаќа секакво.

Освен што имаме надреални очекувања за тоа како треба да ни се движи кариерниот пат, имаме и „уникатна“ претстава за тоа што значи да се биде менаџер.

Ако во Македонија се прашуваме, менаџер (или директор) значи да не мораш да работиш. Да имаш група на луѓе кои ќе работат место тебе, додека ти одиш на шопинг и во кафулиња, клубови, ресторани, кафани, плажи. Единствено нешто прифатливо да менаџираш е твојот Instagram профил, затоа што сите тие фотки од безбројните уживања мора да се споделат со светот.

Универзалната дефиниција (и здравиот разум) пак, вели нешто поинаку. Дека менаџер е човек кој ги надгледува сите работни процеси. Или, во превод, презема дел од работата на целиот тим. Како директор не треба да работиш најмалку од сите, туку повеќе од сите. (Тоа што овде не е така веројатно е и една од причините за состојбата во која се наоѓаме како општество.)

На прв поглед личи дека сме само мрзливи. Но нештата се малку покомплексни… и потажни. Локалната историја е историја на постојана егзистенционална несигурност, на живеење во хаос. За жал, тоа не е само дел од минатото исполнето со ропства, окупации и сиромаштија, туку е дел и од денешната (транзициска) приказна која ја живееме.

Ваквата континуирана животна нестабилност и недостаток, силно ги ограничува соништата и стремежите. Овде не размислуваме за она што сакаме да го работиме. Не се прашуваме која е нашата страст, како да ги растеме нашите таленти, што уникатно може да му дадеме на светот… Толку сме во грч и уплашени од беда, што правиме одлуки од страв и инерција, па завршуваме во најстрашната беда од сите – онаа на духот, на нереализираниот живот.

 

 

Од мали ни повторуваат „абе, глеј си сигурна работа“, „важно платата на први“, „златна работа у државно“. Не е важно што работиш, уште помалку дали твоите способности се блиски до работата, а најмалку дали ја сакаш. Работата во државна администрација е успех затоа што ти овозможува сигурност и преживување, без да мора многу да се трудиш. Трампаме соништа, арчиме таленти и уништуваме животи за платиче. Или се лажеме со искривени слики и нереални соништа за тоа што-би-било-кад-би-били директори. Па ниту стануваме поавтентични, ниту стануваме „директори“.

Ќе зборувам за некој што доста добро го знам. Себеси. Повеќе години имав шанса да работам на прилично фина позиција, во солидно платена индустрија. Пријавување, плата без ден доцнење, работни задачи кои не бараа особен труд, менаџирање со тим… и џабе. Бев понесреќна и попразна од било кога. Осеќав како талентите ми венеат, како трошам денови на нешто што нималку не ми значи, како со ништо не придонесувам за подобра околина. Парите не ми помагаа нималку, всушност најчесто ги трошев на суплементи и лекарства, надевајќи се дека преку телото ќе можам да го излечам она што ми го уништуваше духот. И еден ден кренав раце. Дадов отказ без никаков план, без никаква „сигурна“ работа. Само сакав празнотијата да престане, да сакам наутро да отворам очи. Реакциите на роднините беа класиката: „Абе како таква убава работа остави?“, „А дупка у пензиското шо ќе имаш сеа?“, „Не си играј, во ваква држава…“, бла, бла.

 

 

Прво беше малку чудно и на моменти страшно, како и со секоја промена. Ама од оваа перспектива не жалам ниту малку. Ок, немам некоја приказна од типот „остави работа и сега прави милиони сликајќи што сака“. Всушност, живеам со помалку финансиски средства споредено со претходно, ама тоа не го доживувам како казна. Напротив, бесценето ми е што му се радувам на утрото, што учам нови работи, што не сум во маѓепсан круг на монотонија. И сѐ уште ги немам сите одговори, ама доволно е што правам чекори кон работа која ќе ме прави мене среќна, а истовремено ќе им користи и на другите.

„Каде што твоите таленти ќе се сретнат со потребите на светот; тука лежи твојата вокација.“, ќе рече Аристотел.

Психологот Абрахам Маслов, во својата хиерархија на човечки потреби, ќе ја именува како „самоактуелизација“ и ќе ја постави на самиот врв. Тоа е она место кога потребите се задоволени, талентите искористени, а личноста реализирана во својата индивидуалност.

Јапонците пак, ќе зборуваат за „ikigai“, што во превод би значело „причина да бидеш“. Икиаги се наоѓа на пресекот меѓу она што сакаш да го правиш (твојата страст), она што можеш да му го дадеш на светот (твојата мисија), она во што си добар (твојата вокација) и она за што може да бидеш платен (твојата професија). Кога овие сегменти ќе се порамнат, животот добива смисла. Јапонците веруваат дека кога ќе го најдеш своето икиаги, ќе најдеш смисла, суштинска среќа и долговечност (случајно или не, жителите на Окинава, од каде потекнува овој концепт, официјално се најдолговечните луѓе на светот). А во потрагата може да ти помогнат следниве прашања:

– Што сакам? За што осеќам искрена страст?
– Во што сум добар? Кои се моите таленти?
– За што од моите способности може да бидам платен, сега или во иднина?
– Што му треба на светот?

Дарма, вокација, самоактуелизација, икиаги… Кажете го како сакате, но постои и е исклучително важно. Желба за живот значи.

 

 

Не дозволувајте стравот на другите, привидот на сигурност (кој секогаш е само тоа привид) и умртвувачката удобност на комфорот да направат да заборавите на својата страст. Не е успех да не работиш, тоа е тажно безделничење, колку и да делува гламурозно. Успех е да го работиш она што го сакаш. Најголем успех.

Да, не мораш да бидеш директор. Можеш подобро од тоа. Можеш да бидеш ти.

 

Comments

comments