Да се разбереме. Меморија никогаш не биле кул бенд. НИКОГАШ.

Ниту кога се појавија, ниту кога имаа комерцијален успех во патетичната музичка ера на македонското осамостојување, ниту кога се реоформија пред година дена за концертно пополнување на саемска хала и се разбира егата на членовите.

Нивниот звук, автентично македонска визија за блендирање поп и рок, отсекогаш имал многу повеќе заедничко со духовниот врв на младинската организација на Комунистичка Партија на Македонија при месна заедница од зграда, отколку со некоја релевантна музичка вибра. Она наше рудиментирано разбирање на рокенролот како алатка за освојување женски или нервирање на другарите во стилот на: „бољи фраер сум од тебе”.

Не ме сфаќајте погрешно, немам ништо против сето тоа. Напротив, членовите на Меморија, барем оние кои ги познавам, ми се особено драги личности и ги почитувам како професионалци и луѓе. Но музиката на овој наш извонредно популарен бенд, од аспект на уметност и достигнување, отсекогаш сум ја сметал за социјализам & аматеризам. Социјализам во оној симпатичен смисол на зборот.

 

 

Откога го кажав ова, нагло ќе се префрлам на посветлата страна од приказната. Тоа е композицијата Нена, првиот сингл на бендот од 1985 година и лабаво најдобрата песна која било кога ја напишале. Композиција која заслужува да се најде во било која антологија на македонската музика. Вистински бисер на своето време и конкретен пример за скопското поимање на лајфстајл во средината на 80тите. Да драги мои, старите добри 80ти и нашите влажни соништа за нив 🙂

Официјалниот видео спот, секако снимен од Радио Телевизија Скопје (сега МРТВ), само ги потхранува овие мои алузии. Погледнете ве молам колку е аут приказната, глумата, изборот на ликови. Погледнете го старото добро Скопјенце драги мои. Чекај, па и не се променило толку многу, а? Видео спотот е совршен и автентичен производ на старата добра македонска телевизија. Се околу него е толку наше, толку сирово и прозрачно до бол.

Откога го изгледавте ова, време е да ја подигнеме приказната на повисоко ниво. Македонија во 80тите, барем еден нејзин убав младински дел, имаше амбиција да звучи и изгледа светски. Искрени и симпатични аспирации од едно пионерско време, кое кипеше со имагинација, трансформација и возбуда. Токму вака изгледа бендот Меморија, во миговите кога ја исполнува композицијата Нена, во рамките на музичката емисија Рок Подиум – толку многу гледана и очекувана на малите екрани во 80тите.

 

 

Вистински македонски пандан на ултра популарната југословенска музичка емисија Хит Месеца (за која планирам да пишувам овде во Reborn). За жал, Рок Подиум траеше доста кратко (како и повеќето добри нешта кај нас во 80тите), но остави историски снимки, како оваа изведба на пример. Јас имав 13 години кога го гледав ова и мислев дека басистот на Меморија – Перо Камиказа (Петар Георгиевски) е тотален фраер. Погледнете и вие.

 

Comments

comments