Фотографии: Идеа+

 

Ако нè прашаш нас (Reborn) ќе ти речеме дека настан на годината беше Музеј Дебар Маало. Ама тоа е затоа што сме самобендисани и нарциси.

Но ако за секунда се обидеме да бидеме пофини и да им дадеме простор и на другите, можеби ќе размислиме за опцијата дека Neuland Sensorium кој се одржа минатата сабота, беше вистинскиот настан на 2017та.

Од многу причини. Но најмногу затоа што успеа да нè изненади и целосно да ни ги збуни сетилата. А според разговорите кои ги направивме и кои ги слушнавме по завршувањето на настанот – сите други што имаа шанса да присуствуваат, го делат ова мислење. Скопската публика беше воодушевена од секој, и најмал, детал во реализацијата на настанот.

Пред да ја разгледате галеријата со фотографии подолу, ова се нашите 5 главни причини зашто Neuland нè остави без зборови.

 

1. Џијан Емин.

Џијан Емин. Џијан Емин. Џијан Емин. Мислиме дека голем дел од присутните на Neuland Sensorium, вклучувајки го и нашиот тим, не беа доволно запознаени со големината и талентите на овој наш диригент. Но после овој настан, се надеваме дека тоа малку ќе се промени, затоа што Џијан Емин е навистина „светски, а наш“. (Се обидуваме да го избегнуваме овој премногу често употребуван израз, па го користиме само кога навистина, навистина го мислиме).

Џијан е еден од водечките современи музичари во Македонија и во регионот, а таква репутација пополека стекнува и низ светот. Позади себе тој има богато резиме, вклучувајки соработки со повеќе големи музички имиња (дел од кои добитници на наградите Оскар и Греми). Меѓу нив се наоѓаат и Frank London, Derrick May, Gloria Estefan, групата Air, неговата соработка со продуцентот на Daft Punk и многу други.

 

2. Мала Станица одлично одговараше како локација

Искрено, не знаевме што да очекуваме од Мала Станица. А мислиме дека и останатиот дел од публиката имаше сличен „проблем“. Како ќе сместат цел оркестар во Мала Станица? Како ќе се слуша целата симфонија?

Резултатот? Wow. Просторот беше совршен за оваков тип на интерактивен настан. Но можеби, најголемите пофалби треба да им бидат упатени на тимот кој стои позади целата продукција, концепт и организацијата на просторот. Браво за Идеa+, Бојан Трифуновски, Арслан ХајрединАндреј Анчевски и De:sonanz, Катерина Тоевска Билбиловска, Даница Ническа, Филип Арнаудов, Александар Гроздановски, Огнен Узуновски Оги, Beatrix Crew, Ice Technology, Password Production, Platforma Architecture + Design, Da Capo – Orchestral Audio, Silent Disco International, МГП Скопје и DVD5.

 

3. Македонската Филхармонија беше неверојатна

Нема потреба од навлегување во детали. Одлични беа, како и секогаш.

 

4. Слушалките беа многу повеќе од одлично решение

Вообичаено не сме фанови на „silent disco” забави. Бевме скептични, признаваме. И останавме со сомнежи сè до отприлика полноќ, кога работите си дојдоа на место. Сите предрасуди и сомнежи ни беа набрзо побиени. Слушалките беа полн погодок.

 

5. Скопската публика беше позитивно збунета

Не уживаме во коментари од типот „Ова не личи на Скопје“, „Многу Берлин филм е ова!“ и „Бруклин!“, но овој пат фактот дека публиката од сите страни околу нас цела вечер споделуваше слични коментари, само ни докажа колку се сите воодушевени.

 

Comments

comments