Фотографии: Александра Костадиновска

 

Минатиот четврток (11 октомври) во Винил се одржа „Suzanne“, осмиот Neuland x Reborn настан.

Главната атракција на вечерта беше танцов перформанс, дело на три талентирани девојки: Ивана Мојсовска (инсталација), Адријана Данчевска (кореографија) и Сара Цветковска (танчерка). Музиката која беше искористена за перформансот е на македонскиот бенд KNNT, а вечерта продолжи со звуците на DJ Bruv.

За потребите на настанот дел од внатрешниот простор на Винил беше претворен во мала сцена со позадина – уметнички дела изработени на филмски ленти. Разговаравме со Ивана и Адријана, кои стојат позади „Suzanne“, за да дознаеме повеќе за перформансот на настанот и нивните други досегашни проекти.

Во продолжение е и галерија со фотографии од вечерта, а во четврток се гледаме на деветиот, претпоследен NeulandNight.

 

Имате и претходно соработувано на други проекти. Кажете ни малку повеќе за вашите досегашни колаборации и како дојде до тоа да работите заедно?

Ова е наша втора, спонтана, и слободно можеме да кажеме исто толку успешна колаборација. Почнавме да соработуваме минатата година за Танц Фест Скопје кога Адријана го отвори фестивалот со претставата „D.O.L“ на која беше проектиран glitche, кој го изработи Ивана како дел од сценографијата. Ретко се случува да најдеш истомисленик а истиот речиси и да не го познаваш. Можеби интуицијата и енергијата, која несомнено и двете ја почувствуваме, ни отвори нови врати и ни донесе прекрасни искуства.

 

Сара Цветковска

 

Настанот го крстивте „Suzanne“. Зошто?

Suzanne е отруена од традиција. Истоштена од секојдневието и меурот во кој живее, таа ни ги пренесува екстремните состојби и расположенија кои се дел од неа.

 

Разбравме дека има интересна приказна поврзана со филмовите кои всушност беа инсталацијата пред која танцуваше Сара Цветковска. Дали филмовите имаат некакво поврзување со самиот концепт на кореографијата?

Графичките филмови на кои работам веќе извесно време дефинитивно можам да ги поврзам со концептот на кој што работевме. Дури би рекла дека целиот овој проект ми помогна да го почувствувам моето дело малце поинаку и да доживеам едно сосема ново искуство. Целата сценографија ја смести Suzanne во еден надреален свет кој ветува нови почетоци, мистерии и доживувања кои константно се менуваат.

 

Филмовите кои беа дел од инсталацијата на Ивана Мојсовска

 

Може ли да ни кажете малку повеќе за музиката која свиреше во позадина за време на перформансот?

Музиката на KNNT го претставува нејзиното расположение и како таа го користи просторот. И помага на Suzanne, а и на самата публика, да почувствува една непријатна атмосфера.

 

Сара Цветковска беше феноменална! Како дојде до тоа да соработувате? Кажете ни нешто повеќе за неа.

Сара е студент на Скопје Танцовата Академија под менторство на Рисима Рисимкин и танчер во Скопје Танцовиот Театар, каде Адријана активно кореографира и предава. Сара е дел од многу продукции на театарот, а некои од гостувањата каде била се: Silk Road festival, China 2017, Holland Dance Festival 2018. Карактерот на Сара и фокусот на сцена беше пресуден за овој соло перформанс.

 

 

Перформансот се случи во кафич, што како локација, самата по себе е прилично ограничувачка. Дали сте задоволни од локацијата и од тоа како изгледаше настанот?

Темата околу тоа во кој простор треба или не треба да се игра танцово дело е многу актуелна во моментов во нашава држава. Ние сметаме дека современиот израз дозволува и треба да биде изведуван на различни простори и пред секаква публика. Користење на неконвенционални простори е практика во светски рамки за сите изведбени уметности. Презадоволни сме од изведбата на Сара која многу успешно ја пренесе и долови нашата идеја. Настанот помина одлично и среќни сме што публиката беше заинтересирана за перформансот. Дефинитивно треба да го повториме, но овој пат на уште по „чудно“ место.

 

Галерија

 

Comments

comments