Апотека, МКЦ доделува една плоча од албумите споменати во текстот. Лајкни ја објавата на Facebook и во коментар напиши ни го името на албумот кој би сакал/а да го добиеш. Добитникот ќе биде одреден на 21.06.2017 (среда).

Роден кон крајот на 70-тите, за да експлодира и експресно согори до средината на 80-тите, New Romantic е музичко-моден крик на Лондонската хип младина, кој од оваа дистанца многу повеќе претставуваше духовен/интелектуален статус, отколку стил или правец.

Во време кога диското доискрвавуваше од отворените рани, панкерите пропаѓаа во вортексот на лузерството, или пак се воздигнуваа преку ново освоената естетска пост-панк слобода/еклектика, некои дечки од музичката престолнина на светот решија дека ем сакаат да бидат дотерани, ем да играат во диско, ем да слушаат ултра-кул музика. Кој тоа не би сакал да се дотера и излезе во град?

Делот „дотерани” доведе до фантастичен развој на ноќна тоалета под силно влијание на барок гардеробата од 16-тиот век. Кај нас овој термин поприми негативни конотации пред се поради неговото рурално користење од страна на нашите „политички елити”, но можете да замислите колку еден уличен гламур осврт кон англиската барокна традиција може да биде опако леплива мода.

Глутница млади луѓе, ЕМ ПАМЕТНИ ЕМ УБАВИ, стоеја трпеливо пред вратите на малкуте лондонски (па и Бирмингемски) клубови (Billy’s, Blitz) кои имаа јако строги door политики и чекаа да влезат во атмосферата најблиска до она чувството кога си умрел и си се разбудил во рајот. А музиката? Е музиката е по мене најсилната страна на оваа поп култура, а особено поради фактот што и ден денес стои со истата креативна сила и целосен танцов потенцијал.

New Romantic бендовите беа главно опседнати со тоа да прават музика која ќе се пушта на New Romantic подиумите за танц. Под силно влијание на диско, рана електроника, Kraftwerk и глам рок, а со невиден нагон за пишување на совршен поп рефрен, продуховени од вековната културно-политичка доминација во светот, британските музичари предизвикаа експлозија на сцената.

Visage, Japan (самодистанцирани од тагот), Duran Duran, Spandau Ballet, A Flock of Seagulls, Culture Club, Ultravox…само некои од имињата кои оваа култура и музика експресно ја извезоа најпрво на врвот на топ листите, потоа на MTV и на крај на главните улици на сите светски градови, па и села 😉

Нормално, следеше брзо согорување, проследено со исчезнување на првобитната потреба за постоење на „движењето”. Феноменологијата на духот на оваа автентична градска потреба, покажува дека нуклеусот на овој вид идеја е здрав, жив и динамичен во манифестациите на новите генерации, се до денес.

Е сега…јас сум млад, паметен и убав винил фетишист од Скопје и сакам интердимензионален допир со New Romantic културата. Музиката е единствено средство кое овозможува патување низ времето, па посегнувам кон средството што функционира 🙂

Еве 5 плочи кои можете да ги набавите веднаш во Скопје и да отпатувате во 80-тите, времето кога Господ одеше по земјата, а барок беше сјајна идеја. Плочите можете да ги набавите во продавницата Апотека, при МКЦ Скопје.

 

Heaven 17 – The Luxury Gap

Никој нема да ви го препорача како ултимативен New Romantic албум, но според мене, елеганцијата и софистицираноста на музиката даваат врвен духовен моментум на периодот и „движењето”. Навидум студен и воздржан, со дијаболична дистанцираност, овој албум нуди совршени поп песни за вашиот замислен uber cool подиум.

 

 

Kaja Goo Goo – White Feathers

Во еден мал миг во 1983, отворено загрозувајќи ја популарноста на неверојатните Duran Duran, Kaja Goo Goo се заканија дека ќе полетаат со фризурите во вселена. Неверојатната еуфорија траеше кратко, а од целата возбуда остана synth pop ремек делото “White Feathers” кое денес звучи проклето современо и се опира на лузерскиот обид на критичарите, овој бенд да го отпишат како музички ирелевантен. Оди купи го одма.

 

 

Duran Duran – Seven And The Ragged Tiger

Најубавите дечки во свет, кралевите на ново-романтичната ера, во исто време и еден од најдолготрајните, најпрофесионалните, најуспешните и времето покажа, најквалитетни бендови на нашата ера. По првите 2 албуми, кои се своевиден потпис на овој стил, ова е третиот, за мене далеку најслушан албум, своевиден врв и веројатно крај на една прекрасна нео-барокна ера во музиката. По овој албум веќе ништо не беше исто за масата посветени шминкери ширум светот.

 

 

Yazoo – Upstairs At Eric’s

Ниедно романтик диско не би можело да се замисли без “Don’t Go”, главниот хит од оваа плоча. Препознатливиот synth звук на легендарниот Vince Clarke (Depeche Mode, Erasure) и неповторливиот вокал на Alison Moyet, се добитна комбинација за вашето новооткриено новоромантично танцово чувство. Топ ритми, топ мелодии, топ рефрени. Top deal.

 

 

Soft Cell – Non-Stop Erotic Cabaret

Првиот албум во светот направен на екстази. Драг кралицата и култна фигура Marc Almond и ритам фрикот Dave Ball, се мафтаат низ New York, онака подомекнати од MDMA и трипаат за совршен електро поп албум. Не успеваат да го направат сосем совршен, но го добиваат светскиот мега хит “Tainted Love”. Да, на оваа плоча е таа песна и може да се набави овде во Скопје, драги мој винил фрик фетишисту.

 

Comments

comments