Последните неколку години ги поминавме во набљудување на константното зголемување на популарноста на еден од последните големи модели на Nikе — Roshe.

После неколку такви набљудувачки години, време е да нурнеме во длабокото. Кој ги дизајнирал? Од каде инспирацијата за дизајнот? Која е приказната и колку е интересна?

Со шпиунска сатистфакција од филмовите, го проверив LinkedIn профилот на Dylan Raasch дизајнерот на Roshe. Кога за прв пат го претставил моделот во 2010, бил нов во Nike, за денес после огромниот успех на неговиот дизајн да стане директор на дизајн одговорен за сегментите трчање, фудбал и тенис.

Иако моделот е претставен во 2010, за првпат во комерцијална продажба се појавува во 2012, бидејќи на неговата прва презентација е оценет како премногу апстрактен за тоа време.

 

Nike Roshe Run 22

 

Основната цел за овој дизајн била да се направи патиката која ќе има добар изглед, но да не чини повеќе од 70 долари. Dylan во тоа време работел во NSW (Nike Sportswear), дел на Nike кој прави спортска лежерна облека, па имал можност да изработи ефтин модел кој нема да ги има сите премиум технологии на Nike, кои на пример се користат во патиките за трчање.

Дизајнерот црпи инсипрација од едноставноста и зен-филозофијата. Зен мајсторот како поим за едноставност претставува главна инспирација. Боите и силуетата на првата Roshe патика претставуваат интерпретација на Зен мајстор кој медитира во својата Зен градина. Дури и самото има доаѓа од зборот Roshi што преставува титула која се доделува на Зен мајсторите, подоцна ова име поради легални причини е сменето во Roshe.

После првото појавување на пазарот во САД во 2012, моделот станува ултра популарен во светски рамки и до денес е еден од најпопуларните модели. Како една од причините за неговиот успех е едноставноста на силуетата, која нуди безброј можности за изработка на различни комбинации на материјали и бои. Тоа го прави моделот лесен за комбинирање со секојдневна облека или за вечерно искачање, но и корисен за спортување. Сè ова го прави моделот популарен буквално кај сите генерации.

 

Nike Roshe LD-1000

Nike Roshe LD-1000

 

Денес на пазарот постојат огромен број на комбинации од материјали и бои и изгледа дека популарноста на моделот нема да се намали во скоро време. Последна варијација која ми остави впечаток е Nike LD-1000, кој ги комбинира Nike Roshe и Nike Cortez (уште еден легендарен модел на Nike кој станува популарен после филмот „Forest Gump“). LD-1000 е комбинација на ѓонот на Roshe и горниот дел на Cortez и е уште еден доказ за огромниот број на можности кои ги нуди Nike Roshe Run.

 

Comments

comments