Го дознавме пред неколку месеци, а подобро го запознавме на „Музеј Дебар Маало“, каде во просторијата за ликовни уметности (Casa Bar) имаше изложено две дела.

Еден по еден, целиот тим почнавме да веруваме дека делата на Никола се едни од најдобрите кои некогаш ги имаме видено. Звучи како преувеличување, но не е. Никола не нè плаќа, не добиваме ништо ние од ова, станува збор само за искрена почит. Ќе разбереш кога самиот ќе разгледаш што има досега направено (ова е само мал дел).

Најверојатно ќе започнеш со најновото, со „Book of Sclavin”, проектот со кој во март оваа година беше прогласен за „Најуспешен автор на 12-тото Биенале на млади уметници”. Ќе се заљубиш и ќе продолжиш да „копаш“, само за да откриеш дека најверојатно не постои аспект на уметноста во кој Никола досега не се испробал и докажал.

 

 

Никола е од Куманово, дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, а моментално живее во Софија каде работи во студио за анимација и каде магистрирал на Националната художествена академија, насока илустрација.

Ова е нашиот разговор со него. Особено ќе ти се допадне делот во кој раскажува за оној пат кога се дружел со Thurston Moore и Kim Gordon од Sonic Youth.

 

Никола, првично те запознавме преку твоите феноменални анимации и гифови, но всушност си активен во многу полиња на уметноста. Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци и за тоа со каков сè тип на уметност се занимаваш денес?

Започнав како традиционален сликар, по завршувањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и долго време ме интересираше само масло на платно. Преку АРТ институт (група на уметници која дејствуваше во просториите на бившиот Геолошки институт) започнав да работам на проекти кои вклучуваа и други дисциплини и работа во колектив.

Подоцна навлегов во дигиталниот свет, отпрвин само за пари како freelancer илустратор, но набргу видов дека и таму има многу забавна игра. Тогаш ја открив и се навлеков на традиционалната (frame-by-frame) анимација, а гифовите беа формат кој ми дозволуваше да ги презентирам на интернет тие кратки анимации пред публиката. Во моментот работам во студио за анимација, како и на некои сопствени проекти.

 

Неодамна беше награден со титулата „Најуспешен автор на 12-тото Биенале на млади уметници” со твојот проект „Book of Sclavin”. Кажи ни нешто повеќе за проектот.

Тоа е постаро дело но досега не е промовирано. Поканата за учество на Биеналето ја видов како шанса да го претставам пред повеќе луѓе. „Book of Sclavin” е книга во дигитален формат со илустрации во форма на кратки циклични анимации. Текстот го напишав јас, заедно со Бојана Паневска. Книгата во моментот е закачена на интернет и е бесплатна, кој сака да ја разгледа/прочита може тоа да го направи на овој линк.

Книгата на биеналето беше претставена заедно со еден објект, капсулата (централен објект на интерес во приказната), кој работеше како интерактивен контролер за книгата.

 

„Book of Sclavin” на 12-тото Биенале на млади уметници

 

„Book of Sclavin” нè потсеќа на дело од George Orwell. Дали сме во право?

Ах, далеку е од такви класици како Орвел. 1984 и Животинска фарма се кул, но не гледам како би ги поврзал со „Book of Sclavin”. Јас поскоро ја гледам како лесно и брзо конзумирачко (pulp sci-fi conspiracy infused) романче, кое треба да послужи како четиво за таблетот во тоалетната, направено за луѓе навикнати на scroll и нешто да им движи пред очите.

 

Дознавме дека член од твојата фамилија се занимава со рачна изработка на електрични гитари (поточно, ни беше кажано дека „ги прави најдобрите custom електрични гитари“). Кажи ни нешто повеќе за ова. Дали си инволвиран и во овој проект?

Бев некое време во работилницата и ми беше многу интересно да го изучувам занаетот, но како мрзлив миленијалец не се најдов во таа тешка и дисциплинирана работа на долг рок. Татко ми се занимава со лутиерство повеќе од 40 години и неговото име (Бранко Радуловиќ) е доста познато во музичарските кругови. Уште ме guilt-трипаат гитаристите зашто не го продолжувам фамилијарниот бизнис.

 

Анимација од „Book of Sclavin”

 

Исто така, дознавме дека имаш и своја авторска музика и дека на времето се имаш дружено со двајца наши идоли – Thurston Moore и Kim Gordon од Sonic Youth. Кажи ни нешто повеќе за ова. Имаш ли во ракав уште некоја ваква приказна?

Ги сретнавме Sonic Youth (без Steve Shelley) во Белград, пред еден нивен концерт. Седеа на тротоар, пушеа цигари. Бев тинејџер и повеќе јас им зборев за мојот noise бенд отколку што слушав. Бев видно превозбуден да ги сретнам тогашните идоли. Останаа со нас околу 2 часа и беа многу кул. Thurston ми подари перце за гитара, се врти уште некаде по фиоките.

 

Се радуваме дека беше дел од „Музеј Дебар Маало“. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твоите дела кои беа презентирани на настанот? Дали моментално работиш на некој нов проект?

На изложбата се презентирав со 2 дела, масла направени пред околу 4-5 години, но неизложени претходно. Тој период бев импресиониран од импасто техниката и уживав да се мачкам во ателјето до врат во бои.

Моментално работам на нешто многу почисто, го спремам вториот дел од „Book of Sclavin“, воедно и припремите за изложбата во МСУ која ќе биде следната година.

 

Дело на Никола Радуловиќ изложено на „Музеј Дебар Маало“

 

Во моментов живееш во Софија. Што те донесе таму? Која е едната работа која ја има Софија, а која на Скопје му е многу потребна? Што ти фали најмногу од Македонија?

Во Софија магистрирав во НХА (Национална художествена академија – книга и печатна графика – илустрација) и подоцна почнав да работам во студио за анимација (Robo.bg). Останав да живеам тука покраj работата. Патувам често за Македонија (Куманово, Скопје и Охрид), блиску е, и се забавувам многу и тука и таму. Мене ми фали храната, а на Скопје подобар градски превоз.

 

 

Галерија

Неколку од нашите омилени дела на Никола

 

Comments

comments