Дали кога одиш на изложба влегуваш во галеријата со очекувања дека уметникот е оној кој ќе ти го одговори прашањето и ќе ти ја каже вистината?

Дали е уметникот оној кој треба да ти ги каже твоите вредности? Никола Узуновски, на една од своите изложби, своите гости ги пречека со жолто ливче на кое пишуваше „Што чекаш? Излези и спознај се”.

Никола Узуновски, македонски современ уметник, после своите студии во Скопје, Неaпoл, Комо, Венеција и Хелесинки, предава уметност и дизајн на универзитети во Италија, Норвешка, Финска, Шведска и Тајланд.

Спојувајќи ги своите две љубови — уметноста и науката, и потенцирајќи го односот помеѓу индивидуалноста и општеството, Никола веќе 10 години активно твори ширум светот.

 

nikola1

Никола Узуновски: „My Sunshine“ (2009)

 

Во 2005 год. Тој учествува на Биенале во Венеција, во проектот „Floating Sites“, во 2007 год. ја освојува наградата Млад европски уметник и во 2009 го изложува проектот „My Sunshine“ во Македонскиот Павиљон за 53-тото Венециско Биенале. Несомнено, Никола во своите перформанси и инсталации го истакнува човечкото, и во секоја прилика се труди да ја потсети својата публика дека секој од нас е центар на светот кој со секое движење и потег придонесува кон глобалните промени.

Во контекст на ова, во 2005-та година, Никола во музеј става кратка дескрипција, односно дело наречено Воздух во движење, каде на мала бела табличка пишува „Мала промена во воздухот менува сѐ”.

Невидливото го има истото значење како видливото, значењето не е во материјалното, туку во промената. Делото постои и тогаш кога не го гледаме.

 

nikola2

Никола Узуновски: „My Sunshine“ (2009)

 

Никола, инспириран од првенецот на концептуалната уметност, Joseph Kosuth, прави критика на инсталацијата со столиците. Да се потсетиме дека Joseph зема столица, фотографија од истата столица и така изложени до нив стави принт од дефиницијта што е стол. Неговата идеја е дека не е објектот оној кој е важен, туку концептот и како нам ни служи и ни значи она што се наоѓа пред нас. Епа Никола со својата критика и инсталациите „The One“ и „Снег“ вели дека значењето не е во објектот, но не е ни во концептот, туку, како ние ќе се релационираме со тој концепт. Ставајќи ги во израз личните одлуки, искуства и емоции, и на тој начин назначувајки ја нивната вредност.

За она што го перцепираме да не биде избришано од меморијата и заборавено после една минута, тој прави нешто со кое вниманието на посетителот ќе биде задржано. Нешто што ќе биде лично и интимно поврзано со посетителот. Узуновски повторно вниманието го врти кон самата личност и остава простор истата да се пронајде себеси во делото, да ја отвори својата имагинација и фантазија. Имено, на еден лист остава правила и дефиниции за тоа што е љубов. Тоа што секој читател го прави, освен што го чита напишаното, е тоа што чита помеѓу редовите. Узуновски остава простор и дава право секој сам да си ги напише правилата за љубов. Едноставно во тоа поле не би требало никој да ти се меша и да ти наметнува правила.

 

nikola3

Никола Узуновски: „My Sunshine“ (2009)

 

Кога сме кај личните искуства и доживувања, мора да ја споменеме изложбата во Хелсинки на бели фотографии, односно снежни пространства сликани во различни градови ширум светот. Преку нереална белотија, Никола ги актуелизира темите за личната перцепција. За некој е само бела фотографија, додека некој пак ќе препознае нешто свое или пак ќе ја разбуди неговата имагинација.

Не може, а да не се спомене, можеби најслаткиот проект на Никола, каде прави анализа и истажување за тоа што посакуваат и за што мечтаат децата од различни држави и предели од целиот свет.

Кои се желбите кои тие ги праќаат по писмо на Дедо Мраз во Лапонија?

„Wish come true” е проект на Никола Узуновски кој траеше од 2008-ма до 2013-та година. Никола отиде во складиштето на Дедо Мраз во Лапонија каде се чуваат сите писма пратени од целиот свет и дојде до заклучок дека и тоа како се разликуваат барањата од дете до дете, во зависност од каде потекнува и каде живее.

Узуновски вели дека писмата од Велика Британија и САД имаат значителен контраст, во половина од писмата има листа на скапи играчки и технологија, а другата половина елементарни барања за преживување, желба за топла облека и чевли.

Децата пак од Јужна Европа не се воопшто опседнати со материјални желби, тие поскуваат мир во светот и неретко ги спомнуваат домашните, фамилијарни односи. Писмата од Северна Европа и скандинавските земји се мала листа на играчки и објаснување од децата дека тие биле добри и послушни и дека го заслужиле тоа што го бараат. Со други зборови, доста дисциплирани дечиња. Проектот покажува како сите ние сме зависни од системот во кој живееме, како системот ни ги креира желбите и како ние со желбите го менуваме системот.

 

nikola4

nikola5

Никола Узуновски: „My Sunshine“ (2009)

 

И како за крај, поврзаноста на Никола со уметноста, науката и чувствата на луѓето.

Тој во Тајланд на луѓето преизложени на сонце и високи температури им прави инсталација, балон кој личи на облак, а тој балон пак ја користи сончевата енергија за да лета. Од друга страна пак, на луѓето од земјите кои очајуваат за сонце и светлост, прави проект за вештачко сонце. Бидејки над Арктичкиот круг во зима сонцето не изгрева, но неговите зраци одат од доле нагоре и нема сонце во градовите, но има меѓу облаците.

Никола проектираше проѕирен балон што внатре има огледало кое го рефлектира Сонцето накај Земјата, а за луѓето тој објект да изгледа исто како сонце. Целиот процес е направен во соработка со разни универзитети, и целта е заеднички да направат една утопија – небо со повеќе сонца. Барајќи го невозможното, овој наш уметник им подарува сонце на луѓето, сѐ со цел да ги направи среќни, да ги инволвира во процес на создавање утопии, и да даде пример како секој може да направи промена кон подобро.

Најновиот проект на Никола Узуновски е да реализира, пак во соработка со што повеќе луѓе, цепелин со кој ќе може да патува човек, направен од некоку слоја пластика, кој лета по принципот на соларните колектори. И овој проект е мала утопија која го потенцира користењето на соларната енергија и симбол на слободното патување и слободата како цел.

 

Comments

comments