Го пишувам текстов под претпоставка дека веќе знаеш што е De:sonanz Festival, но ако сепак не си доволно запознаен со фестивалот, кликни тука или пак тука, за да ја разгледаш нашата галерија со фотографии од фестивалот во 2015-та.

Оваа сабота, со почеток во 20.30 часот, во Станица 26 ќе се одржи концертното деби на NMO во Скопје. Но неколку прашања и дилеми околу NMO сè уште лебдат во воздухот. Дали креираат вселенска музика за марширање? Интерстеларен Панк? Флуксус Техно?

Станува збор за музички феномен кој пркоси на секаков обид за жанровска категоризација. NMO се фокусираат на создавање на фуриозна мешавина од перкусии и синтетизирани звуци, која на почеток изненадува, а потоа разигрува како ниту една музика на планетава. Коктел од ентропија и кинетичка енергија сервиран преку спектакл на звук и светло.

 

 

Нивното концертно деби во Скопје е на покана од De:sonanz Festival, а како дел од концертната програма надвор од годишниот фестивал. Настапот во Станица 26 е дел од нивната европска турнеа, која се одржува по издавањето на албумот Nordic Mediterranean Organization / Numerous Miscommunications Occur, исполнета со настапи во клубови (двапати го превртеа на глава Berghain), концертни сали, галерии, уметники и музички фестивали, но и еден концерт за Boiler Room Berlin.

Бендот е проект на тапанарот и продуцентот, Morten J. Olsen и Rubén Patiño, кои се фокусираат на енергични настапи во живо. Тие радикално го редефинираат пристапот кон „живите“ настапи, користејќи лап топ и тапани како основни вежбовни алатки за деконструкција на панк, техно и електро звуци, отсвирени со силно чувство за спектакл и досетлива перформативност.

За време на нивниот концерт во Скопје, локалната сцена ќе ја претставуваат Arlekin, ноиз-рок состав и скопскиот слаџ/стонер проект, Schwartzen. За музиката, пред почетокот на концертите и помеѓу бендовите, се задолжените DJ-ите од De:sonanz Festival: Andreas Hz + Random.

Повеќе инфо за настанот тука.

 

Comments

comments