Во периодот од 26 до 28 април во Брисел се одржува Генералното собрание (CОMЕМ) на Европскиот младински форум (YFJ).

На истото Националниот младински совет на Македонија е изгласан за полноправна членка на Форумот. Со тоа, младите од Македонија преку НМСМ ќе добијат можност полноправно да одлучуваат за голем број на младински политики со своите врсници од Европската Унија и Европа.

Европскиот младински форум (ЕМФ) е платформа составена од национални младински совети и меѓународни младински организации од цела Европа и брои 104 организации членки. Европскиот младински форум е најголемото и највлијателното претставничко тело на младите во Европа, кое активно учествува во креирањето на младинските политики, заедно со носителите на одлуки на европско ниво.

Со изгласувањето на Националниот младински совет на Македонија од организација кандидат за членство кон полноправна членка и официјално беа препознаени трудот и истрајноста во намерата за позиционирањето на НМСМ на национално и меѓународно ниво.

„Како дел од Европскиот младински форум, Националниот младински совет на Македонија, им овозможува на младите македонци да бидат дел од десетиците милиони млади европски државјани кои се обединети за да ги застапуваат своите заеднички младински интереси и на тој начин да го дадат својот придонес во подобрување на квалитетот на живот не само за младите ами и за сите европејци.“ – вели Блажен Малески, Претседател на НМСМ, во насока на новите можности и предизвици кои со себе ги носи полноправното членство.

Полноправното членството на НМСМ во Европскиот младински форум доаѓа по 2 годишно активно работење, неуморно следење на појавите, трендовите и политиките на европско и регионално ниво, постојан придонес кон европските и регионалните работни тела, како и проценка на организациските капацитети.

 

Comments

comments