На 12 ти декември од 18 часот во Јавна соба ќе се одржи панел дискусија на тема: Ноќен живот, дроги и намалување на штети.

Оваа панел дискусија има за цел презентирање на актуелни трендови, и искуства од спроведување на стратегии за намалување на штети во рамки на ноќен живот и музички настани. Посебен акцент ќе биде ставен на практични примери од регионот и од Европа.

Панелисти: Мирко Попов (ПМГ Рекордингс), Катерина Евго (ПР и маркетинг менаџер на Пасворд Продукција), Наташа Бошкова (правник), Михаил Солаков (DJ OAK TALES), Давор Смиланов (доктор по општа медицина, долгогодишен член и соработник во ХОПС, едукатор и автор).

 

Мирко Попов (ПМГ Рекордингс) е пионер на Македонската електронска и алтернативна музичка сцена. Диџеј со 25 годишно искуство, менаџер на независната издавачка куќа ПМГ рекордингс, организатор, музичар во ПМГ Колектив, Кантон 6 и други, долгогодишен радио водител на Канал103, музички критичар.

 

Катерина Евго е ПР и маркетинг менаџер на Пасворд Продукција од 2011-та година, работи на дел од најголемите музички фестивали во Македонија (Таксират, Д Фестивал, Грин Бич, Аква Парк Фестивал, Пиволенд и други) и огромен број на музички концерти. Дел е и од регионалниот маркетинг тим на српскиот EXIT фестивал, задолжена за промоција и комуникации во Македонија, а воедно е и проект-менаџер во ЗКУ Таксират, со искуство и на повеќе меѓународни проекти со фокус на културата, уметноста и младината.

 

Михаил Солаков (OAK TALES) е диџеј, промотер и организатор од Македонската Псајкоделик Транс сцена. Прв допир со музиката го има во 2006-тата година, а по неколку годишно патување и посетување различни транс фестивали и настани низ Европа, инспириран е да започне со организирање и пуштање музика во Македонија. Михаил е и вљубеник во природата и планините каде веќе неколку години работи како водич на тури со коњи и фрирајд скијање и сноубордање. Професионално е магистар по право од областа на интелектална сопственост и истражувач е за заштита на планинските подрачја во Македонија.

 

Наташа Бошкова дипломираше право во 2003 на Универзитетот Св Кирил и Методиј во Скопје. Во 2008 година станува магистар по родови студии на Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии при Универзитетот во Сараево, Босна. Работи како правник во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници каде стратешки застапува случаи на прекршување на човековите права на луѓе коикористат дроги, сексуалните работници/чки, ЛГБТ луѓето и луѓето што живеат со ХИВ/СИДА. Долгогодишен соработник во ХОПС.

 

Модератор: Давор Смиланов – дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој работи како Доктор по општа медицина, но е и долгогодишен член и соработник во ХОПС, едукатор и автор. Има долгогодишно искуство и учествуваше и водеше бројни национални и интернационални проекти за намалување на штети, но и проекти поврзани со култура, уметност и млади.

 

Comments

comments