Ова е приказна за сите вработени, за сите студенти, за сите матуранти, за сите мајки што сакаат здраво да си ги хранат дечињата… а да, и оние на кои опашка може да им порасне и за нив има нешто.

Ако пиете по минимум 5 кафиња на ден (секој ден!), ако сабајлечки сте кома додека не ја погодите ринглата за да си сварите едно кафе и за вас како за мене има лек. Лекот можете да го најдете во парк и во државна (пациентите како мене), се препорачува за лица од 2 до 222 години. Смутиња за малишаните (за да растат големи без опашка) и трезначите, кафиња за ранобудниците и заљубениците од вашето мобилно возило Номад. Дури имаме идеја за прв дејт со девојчето или дечкото, во парк, на пикник во тревата, со шеќерна волна и кафе од Номад, за мој дејт звучи совршено… А, за Алек дечкото зад Номад да видиме…

Кажете ни нешто повеќе за Номад и кафето што го нудите.

Номад е електрично еко комбенце кое лесно ги остварува вашите кофеински и витамински потреби. Преку нашето комбе продаваме кафиња, смутиња и овошни салати направени од свежо сезонско овошје. Можете да не најдете преку работната недела до 15 часот во државна болница, а по 15 часот и за викенди во градски парк (кај седумте чешмички).

Има доста луѓе кои доаѓаат специјално заради кафето, од брендот Lavazza, кое е доста квалитетно. Имаме многу популарни фредокапучина и фредоеспреса, а и макијатото ептен ни го бендисуваат. Сеуште не сме започнале со експериментирање со рецептите, барем засега се држиме до оние стандард кафиња кои ги знаат сите.

Иначе ова е првото електрично возило во Скопје. 100% електрично, на батерии… Другиве кај нас се хибриди (на бензин, плус батерии).

Дали е ова твој прв приватен бизнис?

Да, ова е мој прв бизнис. Досега, моја љубов и професија беше кошарката. Играв во Хрватска, Америка, Шпанија и Италија. Откако се вратив во Македонија, поточно лани, го започнав овој мобилен бизнис.

Од самиот почеток јас бев оптимист. Знаев дека ќе биде прво возило во Скопје од овој тип, така да од старт бев сигурен дека идејата ќе биде нова, интересна и добро прифатена.

Од каде потекнува идејата за бизнисот?

Идејата е од Италија. Додека играв кошарка и живеев во странство имав можност да видам што е актуелно во Европа. Од самиот почеток ми се свиѓаше самата замисла и сакав да имаме нешто слично и кај нас. Па, ете од таму потекнува. Во Италија ги има плус на секој ќош. Па здравје можеби и кај нас.

Nomad

Winter is coming. Каков ви е планот за зимата?

Планот е да продолжиме со правење со кафиња, ќе си продаваме кај Државна. Ќе си го модифицираме камиончето за зимските услови и секако ќе ве топлиме со топло чоколадо и вкусно кафе.

Кој е сонот позади бизнисот?

Имам многу различни идеи, али се уште сакам да го разработам ова комбе. Сакаме да понудиме добра услуга за нашите клиенти, и тоа не се постигнува баш лесно. Така да моментално сме 100% фокусирани во ова прво комбе, па за понатаму ке видиме.

Во прогрес е и нашиот веб сајт, на кој кафе љубителите ќе можат преку GPS координати, да го најдат Номад точно каде се наоѓа. Така, сите побрзо и полесно ќе можат да уживаат во нашето кафе.

А подалечниот сон е да изградам ланец на мобилни возила со кафиња или храна под брендот Номад.

Заљубена сум во вашето кафе но и во брендингот. Смееш ли да ни откриеш кој стои зад тоа?

Секако дека може. Може и јас да им се заблагодарам на дечките од студиото Pogon Co. Pogon го направија целиот брендинг од логото до изгледот на комбето, па сега и веб сајтот. Номад од почеток до крај.

Кафињата на Номад за нас од почеток до крај. Од идеја до реализација, фанови сме на се. И горди сме што конечно постои вакво нешто во Скопје. Затоа се спремам јас за на дејт во парк да го носам Чарли… пакујте друштво и ајде на дружба и кафе. Без резервации!

 

Comments

comments