Минатата година два мурали се најдоа на фасадата на Младинскиот Културен Центар и истите беа направени од домашни артисти.

Денес, најтазе и актуелна вест е онаа за новиот проект на МКЦ, кој е поддржан од Град Скопје, и кој вклучува изработка на повеќе мурали на различни локации низ Скопје. Досега најавени се уметници од други држави кои ќе бидат задолжени за разубавувањето на овој град, а меѓу кои и уметникот Векс Ван Хили од Франција.

На социјалните мрежи наидовме на многу дискусии на тема (не)вклученоста на локалните артисти во проектот, па по тој повод решивме убаво и не на Facebook, да распрашаме неколку наши локални уметници и (не само) графити цртачи за кој е нивниот став за сето ова.

Подолу се одговорите кои тие ни ги дадоа на прашањето:

 

Го поздравуваш ли овој проект како идеја? Дали мислиш дека во еден ваков тип на проект е важно да доминираат повеќе локални од странски артисти?

 

Јана Јакимовска:

„Идеите се добра работа. Идеите по себе не се многу опасни, но стануваат опасни кога не се дискутира за нив и кога ги спроведува „една голема глава која знае сè“. На Скопје му требаат многу нешта, секако му требаат и мурали и графити, но му треба и култура на нефрлање ѓубре по улиците, му треба пријателски однос кон четвороножните сограѓани, му треба скротување на дивјаците во автомобилите, му треба да му се врати украденото зеленило, му треба соблекување на грдото барокно-античко руво во кое неодамна беше преоблечено, му треба алкохол после седум, му треба да дише и да се забавува и после еден по полноќ. Накусо, на Скопје му треба да искулира. Сите работи подобро се прават на опуштено, па и ваквите проекти. Замислете колку фраерски решенија би се изродиле во таква атмосфера. Во оваа атмосфера, не си дозволувам а приори да не го поздравам проектот од професионални и колегијални причини, и сигурна сум дека поканетите автори можат потенцијално да направат и ремек-дела. Но, суштински, ми се чини дека станува збор за „фластерирање“, за автоматско пополнување празни простори со нови содржини, а тоа за жал неодоливо ме потсетува на суштинската бесмисла на Скопје 2014. Исто така, не сум до крај запознаена со тоа каков обем има проектов, на кој начин и колку е финансиран, така што имам чувство дека ова може да е малото, модерно братче на СК2014 кое би требало да освои некој друг подмладок. Секако, не сум баш најумна и најинформирана на светот, па можеби грешам.

Мислам дека мора да се надмине дискусијата за локално-глобално. Единствен начин таа да се надмине е секој во својата микро-заедница прво да им даде шанса на локалните уметници да се докажат, за понатаму да можат да бидат извезувани. Каде нашите градски татковци ги нашле тие имиња? Сигурно не во телефонски именик – ги нашле на некој ѕид. Првиот ѕид на кој тие се изразиле веројатно им бил некаде дома. Познавам многу добри млади уметници, школувани и нешколувани, кои би можеле беспрекорно да одговорат на ваков тип предизвик. Се мислев дали да седнам и да ги набројувам, но како што споменав погоре, тоа е подобро да го правиме во некоја поопуштена атмосфера кога навистина ќе сакаме да градиме понормално Скопје, а не само да го добиеме на локални избори.“

 

 

Руки Чуки:

„Гласам за мурали во Скопје и идејата е супер. Мислам дека за ваков тип на проект треба да има јавен конкурс пред сè. Муралот со македонските артисти на МКЦ кажува дека веќе имаме 40 потенцијални уметници. Јас лично сум убедена дека секако има капацитет во нашите локални артисти. Немам никаков проблем со странците исто како што немам проблем било кој македонски артист да изработи мурал надвор од МК. Проблем е што тие странци во Скопје ќе сакаат да прошетаат и да видат нешто од локалната сцена 🙂 А ако Град Скопје раполага со вакви буџети за ваков тип на проекти тогаш супер, помалце идеи во фиока.“

 

 

 

Драган Китановски (ДРАШ):

„Искрено не ни знаев дека во Скопје се случува вакво нешто, дознав откако објавија некои медиуми. Комплетно ми е јасен револтот на домашните артисти. Лично и мое мислење е дека прво треба да се испочитува локалната графити сцена, стрит артистите и уметниците. Нема некој што подобро би ја сработил работата, сите си го сакаме Скопје затоа што е наше. Ни МКЦ ни Град Скопје немаат луѓе кои го пратат развитокот на графити сцената и стрит арт културата во градов, не се ни свесни какви добри цртачи имаме. Не ми е јасно зашто секогаш треба да се дава приоритет на странците… До кога треба да се клањаме на нив и да си газиме по своето? Имаме луѓе кои веќе 20 години цртаат графити. Двојат од својот личен буџет за спрееви и за шаренило низ скопските улици.“

 

 

Иван Петрушевски (ФЛИМ):

„Сметам дека подеднакво треба да се застапени и домашните и странските уметници. Домашните заради нивна поддршка и афирмација, но и странските заради создавање на диверзитет и поврзаност со светските уметнички тенденции. Во секој случај проектот е за поздрав, конечно шаренило врз Скопскиот бетон.“

 

 

Цветан Неделковски (ХРОМ):

„Апсолутно дека го поздравувам проектот, но не знам само што чекаа досега. Урбаната уметност веќе одамна е присутна во нашето соседство. Ако треба предвесник или искра за институциите да биде странски артист за да почнат да гледаат на графитите како урбана уметност, тогаш така нека биде. Ние со години се бориме да покажеме дека графитите се дел од модерното општество. Тие не се секогаш вандалски чин и можат да придонесат во едно модерно општество. Како артист се сложувам дека треба да се даде поголемо значење на локалните артисти и графидџии, но сепак тоа е одлука на МКЦ на кого ќе ги довери одбраните ѕидови. Јас сум жител на градот Скопје и лично не ми требаат институции за да цртам, тоа го правам и вака и така секојдневно. Би излажал доколку не би сакал да цртам на некој ваков голем проект, но и не ми е неопходно. И вака и така Скопје е мој град и јас во него секојдневно творам и се претставувам.“

 

 

Инес Ефремова:

„Град без улична уметност, е град без искреност, град без лик. Скопје предолго е таков град. Од таа перспектива целосно ја поздравувам идејата безличниот бетон да добие експресија (а, се надевам дека истото што побрзо ќе се случи и со шизофрениот квази-барок). Тука, би сакала да нагласам дека постои разлика помеѓу мурал и графит. Муралите обично се прават со согласност на сопственикот на имотот, додека графитите се без дозвола. Лично, токму поради субверзивноста графитите ми се уште подраги,и посакувам токму овој проект да ги инспирира креативците  за што поискрен, герила израз со кој ќе го обојат градот. На Скопје му недостасува идентитет. Прекрасно би било да го изгради преку улична уметност.

Од ПР перспектива, добар потег е поканата на славен артист да остави свој траен печат во Скопје и со тоа да го позиционира на креативната мапа. Но, сметам дека доволно е да се финансира само еден таков уметник од странство, додека останатите средства апсолутно треба да се инвестираат во локалните уметници. Не можеме ниту ние, а ни светот, да дознаеме колку талентирани уметниц имаме, ако не им дадеме шанса да се изразат. Просторот за израз, и во буквална и преносна смисла, е најважниот предуслов за уметност.“

 

 

Миле Ра:

Да! Го поздравувам проектов, како идеја е скроз океј. Не викам не. Но не ми се допаѓа тоа дека нашите институции се „фураат“ на странци. Каде се нашите уметници во приказната? Изгледа како да се небитни. Зошто да ги викаме уметниците од светот да го украсуваат нашиот град? Мислам дека ако сакаш да направиш нешто за овој, за нашиот град, треба тоа да му го довериш на оној кој тука живее, а не на оние кои немаат никаква поврзаност или чувства за него. Нашите локални уметници нема да останат рамнодушни на ваков потег затоа што со години фрлаат пари и инвестираат во тоа нешто да се случува тука, не може да очекува некој дека нема да изреагираат на ваков потег. Малкумина ли сме ние што веќе повеќе од 15 години се трудиме да го украсиме овој град и да го покриеме сивилото? Кај е поддршката која ќе не стимилура и мотивира да продолжиме да го правиме тоа?

 

Comments

comments