Екологијата за жал не е приоритетна тема кај нас, а уште помалку во мај, кога навидум сè изгледа така зелено и бистро.

Но многу е важно да не заборавиме дека според Светска Банка, Македонија има најзагаден воздух во Европа, факт кој придонесува со повеќе од 1350 смртни случаи на годишно ниво.

Тажно е да се посведочи за депонијата по течението на реката Радика, поразителен е фактот дека во Охрид можеш да забележиш ѓубре дури и на најскриената дива плажа до која се доаѓа само по воден пат. Ја паметам веста дека минатото лето странски туристи сами го чистеле Љубаниште и ѓубрето го товареле во нивниот автомобил, не верувајќи во тоа што го гледаат.

Всушност, цела Македонија е тотална еколошка катастрофа, а тоа не кажува ништо друго, освен тоа дека не постои свест и одговорност пред сè за сопствениот живот, а понатаму и за останатите.

Апсолутно и неoпростливо е дека надлежните не преземаат ништо конкретно околу ова прашање, но исто така промената мора да започне и од самите нас.

За оваа тема разговаравме со Андријана Папиќ Манчева која верува во моќта на поединецот да ја зачува животната средина така што ќе прави помалку ѓубре. Андријана освен што ја преведе книгата „Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон, таа имаше и свој удел во последното поглавје во кое пишува како оваа филозофија може да се примени локално и истата да се адаптира на нашите услови.

За придобивките од живеењето со нула отпад можете да слушнете повеќе во четврток, 3ти Мај на промоција на книгата „Дом со нула отпад“ која ќе се одржи во Јавна Соба од 20:00 часот.

 

 

Што е нула отпад и која е Беа Џонсон?

Нула отпад е неверојатна животна филозофија втемелена на практики преку кои се избегнува што е можно повеќе ѓубре.

До пред десетина години, концептот на нула отпад важел само за производствените практики и за управувањето со ѓубрето на општинско ниво, сè додека Беа Џонсон не сфатила дека може да важи и за домот. Оттогаш, заедно со своето четиричлено семејство драстично го намалува домашниот отпад и еве веќе десет години создаваат по само една тегла ѓубре годишно.

Тајната е во нејзините пет златни правила, за кои зборува и во својата книга „Дом со нула отпад“: не прифаќај го она што не ти треба (пр. промо-материјали, гратис парфеми, пластични сламки или украсни чадорчиња во коктелот), редуцирај го она што ти треба (пр. алиштата, средствата за чистење и украсните предмети за домот), реупотребувај го она што веќе го имаш (па салатата за носење земи ја во сопствен сад и пазари со платнени торби и тегли што може да се реупотребуваат), рециклирај го сето она што ќе ти преостане од претходните три чекори (пр. е-отпадот што не можеш да го избегнеш), а преостанатото претвори го во компост (сиот органски отпад од кујната, влакната, исечените нокти и изметеното ѓубре од подот).

Во овдешниот контекст, каде што спасот за ѓубрето се гледа исклучиво во неговото селектирање и рециклирање, нула отпад може да се чини како уште поавангарден концепт, но за мене е првенствено револуционерен бидејќи значи свесно поедноставување на животот и менување на потрошувачките навики така што ќе се прави многу малку ѓубре. Што би ни дошло супер со оглед на тоа дека во 2017 година просечниот потрошувач во Македонија фрлил над 300 кг ѓубре, а над 80% од сиот комунален отпад бил собран од домаќинствата.

 

Дали и колку еко-совесните граѓан(к)и во Македонија имаат пристап до потребните намирници?

Пазарот на рефусни намирници, без кои живеењето со нула отпад би било невозможно, ми се откри со сета своја убавина и разновидност минатата година, кога решив да живеам со нула отпад.

Баш тогаш заедно со Леа Линин и Сабрина Железник ја смисливме неформалната иницијатива „Од нула до нула“ бидејќи навистина се чувствувавме дека тргнуваме од нула. Денес знам дека рефусни намирници има и кај нас, и тоа на секој чекор! А за да им биде полесен стартот на сите оние кои сакаат да го намалат домашниот отпад и да не трчаат по рефусна сода бикарбона и неспакувана тоалетна хартија од едниот до другиот крај на градот, ги споделив сите досега откриени алтернативи во книгата „Дом со нула отпад“, чија промоција ќе се случи на 3 мај во „Јавна соба“.

 

Кои се придобивките од овој начин на живот?

Помалку неред дома, поретко одење до кантите за отпад и повеќе време со блиските и во природа се најверојатно највидливите придобивки. Живеењето со нула отпад е добро за животната средина, а сè што е добро за неа е добро и за нас и нашето здравје (и обратно). Помалку ѓубре значи и повеќе слободно време и повеќе пари, повеќе искуства и помалку бришење прашина!

Попластично кажано, секојпат кога одиме на шопинг, трошиме време, енергија и пари за да купиме нешта без кои се може, па трошиме време за да ги превеземе до дома (под претпоставка дека сме ги купиле „од прва“), па трошиме време и пари за нивно одржување и на крај, треба да му ја мислиме и што ќе правиме со нив откако ќе се расипат, скршат, искинат или надраснат.

Беа Џонсон оди на двонеделни турнеи само со рачен багаж во кој ги собира сета нејзина гардероба и сите потребни хигиенски производи – ем не му ја мисли што ќе носи (може да понесе сè што има во шкафот!), ем не плаќа авионска такса за багаж, ем ги избегнува лепенките за големиот багаж кои инаку не се рециклираат.

 

 

Дали на глобално ниво почнува да расте свеста за екологијата? Колку луѓето се запознаени со концептот за нула отпад?

Кога човек ќе се опкружи со истомисленици и кога ќе почне да се едуцира за одредена тема, многу веројатно е дека ќе почне да живее во свој свет во кој мисли дека сите можат веднаш да им кажат „не“ на пластичните кеси без да се грижат за туѓата реакција.

Нејсе, проблемот со загадувањето кај нас е толку сериозен што мора да изнајдеме поодржливи алтернативи и да бараме подобри системски решенија. Ја преведов „Дом со нула отпад“ за да секој од нас сфати дека загадувањето нема да „испари“ кога ќе се стават филтри на фабриките и кога сите ќе се грееме на парно; ја преведов за да секој од нас сфати дека одговорноста за загадувањето е и наша, на потрошувачите, ама и дека моќта е во наши раце.

Инаку, во светски рамки нула отпад е во подем! Нема ден да помине без да прочитам дека некоја земја забранила употреба на пластични производи за една употреба или дека некаде се отворила продавница за неспакувани производи, а онлајн заедниците за нула отпад и веганство стануваат сè побројни.

 

На какви коментари наидуваше по донесената одлука да почнеш со еко-одговорен живот?

„Ништо нема да се смени ако ја земеш кесава“ најверојатно најдобро ги отсликува коментарите што и ден-денес ги слушам. За среќа, сè поретко од најблиските.

Луѓето ќе се „фатат“ за фамозната „една тегла ѓубре годишно“ на Беа Џонсон и веднаш ја отфрлаат идејата за нула отпад бидејќи таа тегла навистина изгледа недостижно. Коментарите ми се најдобриот показател дека за нула отпад мора да се зборува – и тоа што почесто и што погласно, за доброто на сите.

 

Кој е одговорот и каква е реакцијата од угостителите во Македонија кога ќе одбиеш пластика?

На пазарите, продавачите се грижат дека ќе ми се извалка торбата ако спанаќот или јагодите ми ги стават директно во неа, во пекарниците и ден-денес чудно ме загледуваат кога ќе им речам да ми го стават лебот директно во торбата иако едниот крај ќе ѕирка.

Задолжително им објаснувам на луѓето отаде подвижната тезга дека сакам да ми го истурат кафето директно во термосот без да искористат стиропорна чашка (која инаку е и штетна за нашето здравје), а гледам дека не им е сеедно и на продавачите кои треба да ми го насечкаат кашкавалот на даската и директно да ми го стават во кутијата што им ја подавам без да го завиткаат во двослојната хартија што не се рециклира. Има случаи и кога ме услужуваат со подбив и кога морам да инсистирам да не ми даваат салфетка со сладоледот или да ми донесат метална лажичка, ама побројни се случаите кога ќе слушнам „браво“ или „само вие и уште еден пар пазарите со платнени торби“ и кога трпеливо ми ги полнат теглите со рефусни намирници.

Најважно од сè ми е што нула отпад ми стана невидлив штит од кој се одбиваат сите непријатни коментари, па сè полесно истрајувам во намерата затоа што цврсто верувам во своите нови животни навики.

 

Comments

comments