Нè има многумина кои омилените настани во Скопје со возбуда ги запишуваме во нашите планери и со нетрпение чекаме да видиме што имаат да ни понудат. Следно на листа? OFFest!   

Шеснаесетто фестивалско издание по ред кога сетилата ги препуштаме на музиката на светот, шеснаесетти OFFest кому неизмерно му се радуваме!

Годинашната програма се случува од 25 до 28 мај, и (и те како) има што да понуди.

Првите две вечери се одржуваат во Македонскиот народен театар, а фестивалот ексклузивно го отвора кралот на севдахот Дамир Имамовиќ. Севдахот („љубов“ на турски), е жанр кој е налик португалското фадо – отсликува копнеж, меланхолија и носталгија.

Концертот на Дамир ќе го пренесе севдахот во својата најстара форма на изведување, а тоа е соло настапот. Како долгогодишен и посветен истражувач на оваа музичка форма, Дамир дефинитивно се здобива со епитетот „револуционер на босанскиот севдах”.

 

King Ayisoba

 

Вториот концерт, пак, им припаѓа на нашите Љубојна, една од најистакнатите групи на Балканот, кои ќе имаат скопска промоција на својот нов албум. Претставувајќи го пулсот на македонскиот бит, Љубојна креираат музика која говори на универзален јазик. Страсно пренесувајќи го македонскиот мелос широм светот, овој состав ќе понуди жестока енергија на сцената, кој заедно со моќната и двигателска дувачка секција на автентичен начин ќе ги спои минатото и сегашноста и ќе ни говори за вистинските емоции.

Втората вечер е во знакот на Италија и Португалија. Најпрвин ќе ги проследиме Bella Ciao, уникатниот изведувачки состав кој го оживеа циклусот песни “Bella Ciao“, првенствено изведен на фестивалот „Два света“ (1964) како музички израз против фашизмот. Овој циклус народни песни педесет години подоцна повторно се изведува низ светот, овојпат со нови, свежи аранжмани и со извонреден состав на музичари. Песните во себе ја имаат задржано истата нагласена моќ, но овојпат со нов императив за денешната глобализација.

Вечерта ќе продолжи со една од најважните интерпретаторки на фадо музиката денес – Gisela João. „Португалскиот блуз“ ќе прозвучи на сцената на 26-ти мај во МНТ и ќе ни понуди концерт за паметење. Спектар на бурни емоции, драма и ерупција од чувства ќе ја заокружат втората вечер на OFFest.

 

 

Втората половина од овогодинашното фестивалско издание на музика на светот нè носи во сосема друг правец и расположение. Особено третата вечер.

Од Maarja Nuut и Hendrik Kaljujärvдо Black String (чии концерти се одржуваат во МКЦ), па сè до Den Sorte Skole во Станица 26 по полноќ, третата вечер на OFFest ќе биде звучно обоена со авангардност, своевидна мрачност и мистичност, како и со електроника.

Maarja Nuut со својот минимализам и хипнотичност ќе нè транспортира во шумите во Естонија и со својот настап за момент ќе ни постави тенка линија помеѓу јавето и сонот, додека, пак, виртуозните Black String преку своите традиционални корејски инструменти во комбинација со звукот на електричната гитара преку импровизација ќе ги заробат нашите сетила.

Black String се бенд кој константно ги проширува и експериментира со музичките жанрови и што е најважно се фокусира на свеж, уникатен и хармоничен звук кој е создаден од азиската музичката интуитивност, често вклучувајќи го и џезот и играјќи си со традиционалното и модерното.

На полноќниот концерт имаме ретко добра прилика да проследиме едно од најкреативните и најамбициозни електронски дуа во светот денес – Den Sorte Skole. Годинава како хедлајнери на “Roskilde Festival“ (Данска), тие се дуо кое не си поставува музички жанрови и граници. Den Sorte Skole ќе приредат аудио-визуелен настан и ќе ни раскажат еден тон музички приказни. Вооружени со грамофони, семплери и ефекти, 27-ми мај во Станица 26 ќе биде едно сложено музичко патешествие, каде ќе слушнеме обединување на семплови на заборавени музичари од 75 земји и од 6 континенти (слушни: “Cowboys and Indians“).

 

Maarja Nuut Feat. Hendrik Kaljujarv

 

За крај на OFFest ја имаме незаменливата Африка, а вечерта е посветена на издавачката куќа Glitterbeat Records и на запознавање со нејзината мисија. Најпрвин ќе ја проследиме проекцијата на документарниот филм “Every Song Has Its End“ кој ни прикажува бесценета колекција на звуци од длабоките корени на Мали, а во продолжение ќе следат концертите на харизматичниот и неодолив King Ayisoba од Гана и на кралицата од Сахара, Noura Mint Seymali. Токму затоа, четвртата вечер на OFFest е строго резервирана за танцување. Хипнотични ритми, традиционални инструменти, психоделичен афрички блуз и многу насмевки ќе го заокружат 16-тото фестивалско издание!

Факт е дека OFFest и оваа година има многу причини зошто да го посетите. Едноставно треба да одлучите која е вашата.

Се гледаме на концерт!

 

Comments

comments