По првите две успешни изданија и презентацијата на многубројни светски познати музички имиња, Ohrid Calling продолжува со исто темпо и оваа година.

Ohrid Calling 2018, во организација на Авалон Продукција, започнува на 1 август, а ќе го одбележат настапите на пет диџеи кои моментално се наоѓаат на врвот на топ листите на најпопуларни и најбарани диџеи во светот. Програмски, фестивалот е проширен и поделен на 3 дена, секој од нив исполнет со големи имиња од електронската музичка елита.

Оваа година, како и минатата, активен поддржувач на фестивалот е Neuland, кој ни е најдобро познат по тоа што на Skopje Calling понуди одличен репертоар на свежи и иновативни активации во својата таканаречена „Neuland зона“.

Хедлајнери на отворањето на „Ohrid Calling 2018“ е дуото Dimitri Vegas & Like Mike, кои на 1 август, на стадионот „Билјанини Извори“ со почеток во 21.00 часот за првпат ќе настапат во Македонија. Dimitri Vegas & Like Mike се познати како домаќини на славниот „Tomorrowland“ фестивал. Нивната популарност најдобро ја опишуваат 40.000-те продадени влезници за само 40 минути, за две ноќи во белгиската „Спортпале“ арена, со кои ги надминаа рекордите на Madonna и U2. Dimitri Vegas & Like Mike се познати по нивните спектакуларни настапи, кои се карактеризираат со визуелни и светлосни ефекти, внимателно скроени за нивните еуфорични сетови.

 

 

На вториот ден на фестивалот (2 август), на стадионот „Билјанини Извори“, со почеток во 21.00 часот ќе настапат еден од најактуелните хаус диџеи Jax Jones и добро познатиот диџеј на македонската публика, Roger Sanchez. Jax Jones е најдобро познат кај јавноста со хитот „You don`t know me“, но моментално е актуелен со неговиот најнов сингл, „Breathe“, кој на овогодинешните БРИТ награди беше номиниран во категоријата „Најдобар сингл“.

Од Авалон продукција известуваат дека сите кои ќе набават блок влезници за двата фестивалски денови (за 1 и 4 август), ќе можат бесплатно да присуствуваат на денот на настапот на Jax Jones на главната сцена на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Шлагот на тортата е резервиран за настапот на еден од најпознатите и најголеми диџеи на електронската сцена, Armin Van Buuren, кој на 4 август на стадионот „Билјанини Извори“ со почеток во 21.00 часот, според зборовите на организацијата, е спремен да приреди вистинско шоу за своите фанови. Armin Van Buuren е човекот кој четири години по ред беше прогласуван за најдобар диџеј според списанието DJ Mag, а неговите настапи се секогаш полни со енергија, одлични нумери и изненадувања.

Повеќе инфо за влезниците може да најдете тука.

 

Comments

comments