И покрај лошите временски услови во Дојран, „Д Фестивал“ помина одлично, со тоа што успеа да го задржи вниманието и расположението на многубројните посетители.

Она за кое најмногу ќе ги поздравиме Д-фестивалците е дека програмата и содржината на фестивалот беа внимателно обмислени, па имаше музика и активности за сечиј вкус. Тие ни ги понудија незаборавниот концерт на Ali Farka Toure Band, настапот на единствените „Архангел“, Egorythmia, Rudimental, Trap da fuck up, документарците на Make Dox и уште многу други изведувачи. Вреден за спомнување е и емотивниот настап на „Чалгија Саунд Систем“. Нивната изведба во Church стејџ (место со извонредна акустика и атмосфера) беше интимна и моќна, а истата во позадина беше придружена со звукот од поројниот дожд кој даде дополнителен ефект на мистична нежност.

И конечно, не случајно ги оставаме за крај прекрасните Koop Oscar Orchestra. Освен тоа што настапот им беше симпатичен и маестрален како и секогаш, тие беа тотално кул и фестивалски расположени. Па така, на наша огромна чест и радост, генијалецот од Koop Oscar Orchestra, Oscar Simonsson, ни одговори на неколку љубопитни прашања.

 

 

Изгубена, чудна и необична љубов, придружена со електро-џез музика. Кога ќе ги споиме сите овие чувства и звуци доаѓаме до Koop Oscar Orchestra. Кое е значењето на името „Koop“? Кога започнавте за прв пат да свирите како бенд и како?

„Koop“ на шведски е скратено за кооперација и најчесто се поврзува со синџир на исхрана во Шведска, каде членовите на крајот на годината си ги земаат парите назад. Со Koop почнавме јас и Magnus Zingmark, креирајќи музика со семплови. После 3 албуми се разделивме, а јас продолжив со Koop Oscar Orchestra. Долго време мислев дека нема да се вратам на сцената, сѐ додека не ја запознав Jazzu и решив да оформам бенд.

 

Кога ја слушам „Island Blues“ се прашувам – кое ниво на емоција треба да го достигнеш за да создадеш такво музичко дело. Можеш ли да ни кажеш како ја направивте песната? Дали мислиш дека кај музиката неизбежни се длабоките и искрени емоции за истата да биде добра?

Постојат 2 начини на кои пишувам песни. Или нешто се појавува кога експериментирам со семплови, или пак мелодијата се појавува во мојата глава без некоја особена причина. На овој блог еднаш детално опишав како точно ја имам напишано „Koop Island Blues“.

 

Гледаме дека сте со полна агенда и турнеи. Според вас, дали светската публика има интерес и знаење за џезот? Дали како бенд имате омилена песна или албум што си ја слушате во текот на патувањата?

Благодарам, но во моментов паузираме од турнеи затоа што работиме на нашето првенче. Инаку, џезот е тежок термин, затоа што ако кажеме дека свириме џез ќе бидеме ограничени да настапуваме само по џез фестивали. Го сакам џезот, но никогаш не се чувствувам „како дома“ кога сум дел од џез сцената. Премногу е сè фокусирано на индивидуалното изразување како музичари, а со Кооp секогаш сме се залагале за едно нешто – да ја направиме совршената песна.

Музика никогаш не слушаме заедно, сите слушаме на своите телефони и слушалки. Почесто се случува да играме некоја глупава нова игра додека патуваме, отколку заедно да слушаме музика.

 

 

Не ви е прв пат да настапувате во Македонија. Како македонската публика реагира на музиката и концертите на Кооp? Научивте ли нешто за македонската музика и дали можеби имате омилен македонски бенд или изведувач?

Секогаш ги започнуваме нашите настапи со локална песна. Обично е некоја фолк мелодија, па така на секој концерт вметнувам и нешто традиционално. Балканската фолк музика ми е омилена, но морам да кажам дека бугарската ми е најубава.

Инаку мојот омилен македонски бенд е Bernays Propaganda. Публиката во Македонија е многу фина со нас, но настапувањето на фестивали е секогаш тешко кога покрај нас настапуваат и диџеи. Тие за разлика од нас имаат екстремно гласен и перфектен звук, затоа што не свират во живо. Ова влијае на начинот на кој луѓето нѐ слушаат и доживуваат, па е прилично тешко да допреш до оние кои не ти се фанови, а посебно помладите дечки. Единствено голи гради или некој мрсен под-бас пред нивните лица може да ги натера да почувствуваат нешто.

 

Колку што знаеме до сега имате 3 албуми и сите до еден ви ги обожаваме. Дали во моментов работите на нешто и дали можеме да очекуваме нов албум од вас наскоро?

Да 🙂

 

Comments

comments