Денес, вторник (12 март 2019), во 20.00 часот во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се случи отворањето на изложбата „Ослободување-на-просторот“, која ќе биде поставена сè до 30 април 2019.

Изложбата ги отвора прашањата наметнати од насилната преобразба на идентитетот на Скопје и наследството од таканаречениот проект „Скопје 2014“. „Ослободување-на-просторот“ беше претставен во македонскиот павилјон на 16-тата Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година. Предлогот на тимот кој стои зад проектот поаѓа од враќањето и новото осмислување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.

Поставката „Ослободување-на-просторот“ вклучува четири проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска. Според авторите, четирите вклучени простори се „вткаени во архитектонската и колективната меморија на Скопје и претрпеле коренити промени со Скопје 2014“, односно: Платото на Македонската опера и балет и кејот на Вардар; објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа (НАМА) на плоштадот „Македонија“.

Во текот на траењето на изложбата во Музејот на современата уметност ќе биде организирана и јавна трибина за прашањата иницирани со проектот, чии точна дата и време на одржување ќе бидат наскоро објавени.

Авторите кои учествуваат во проектот се: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

 

 

Comments

comments