Skopje Dance Festival и de:sonanz festival, поддржани од Back To The Rituals, Btkrsh, Distant Point, Aura Records и Младинскиот Културен Центар го најавуваат гостувањето на легендарниот британски бенд Ozric Tentacles, за прв пат во Македонија.

Во склоп на својата промотивна турнеја на 29-иот албум „Technicians of the Sacred“, бендот Ozric Tentacles ќе настапи на 03.03.2016 во Младиснкиот Културен Центар. Вечерта ќе биде отворена од експерименталниот бенд Vertical Sofa (BTKRSH, Македонија), кои ќе ја одведат публиката на аудитивно патување со амбиентални и drone звуци. Тука е и светски реномираниот chill out/ambient артист Tengri (Parvati Records, Македонија), кој со својата богата музичка кариера, исполнета со бројни изданија и настапи низ светот е музички амбасадор на македонската електронска сцена.

Задоволството е најголемо бидејки Скопје и Македонија се ставени на мапата на еден од најдобрите психоделични и space-rock бендови на сите времиња. После 33 години работа и 29 студиски албуми, EP-а и ред други изданија, македонската публика ќе има можност да присуствува и ужива во волшебниот микс на тантра ритми, даб-грувови, визуелизации и да чуе и види зашто Ozric Tentacles е еден од најдобрите бендови во живо!

action19g

Ozric Tentacles е бенд-легенда на британскиот андерграунд. Тоа е еден од највлијателните бендови кои се појавиле на британската музичка сцена. Нивна цел не е само да создадат уникатна и различна музика, туку и хармонично да ги обединат сите слоеви и да ве одведат на едно поинаквко аудио-патување. Со искуство од над 30 години, Ozric Tentacles ги искусиле сите променливости на рокерскиот начин на живот.

Бендот има издадено два хит албума, создадено две издавачки куќи (Dovetail & Stretchy), бројни настапи, неколку странични проекти (вклучувајќи ги Eat Static и Nodens Ictus), објавено 29 албуми, настапувано во 45 држави и продадено над милион албуми во светот. И сепак, основната мотивација на бендот нема избледено сето тоа време.

Ozric Tentacles се раѓаат за време на еден логорски оган на фестивалот Stonehenge Free Festival во 1983 година. Тогаш синтизајзеристот Joie Hinton налетува на браќата Еd Wynne (гитара) и Roly Wynne (бас), кои настапуваат во бендот под името Bolshem People, заедно со тапанарот Nick Van Gelder (Jamiroquai). Од таа нивна прва џем сесија се раѓа прекрасна музичка соработка која и ден-денес е заштитен знак на Ozric Tentacles. Тоа е познатиот спој на хипи естетика и бесна електроника со гитари, нежни клавијатури, миди семплери, супер длабок бас и ритмички тапани. Без вокали и текстови, мултиетничките музички референци оставаат слушателот да го најде или да го протолкува значењето на секоја песна.

Ozric Tentacles штотуку го објавија својот најнов, двоен студиски албум „Technicians of the Sacred“. Дваесет и деветиот албум на овој бенд нуди 90-минутно астрално патување во еден сосем друг свет.

Со своето долгогодишно искуство Ozric Tentacles продолжуваат да ги пробиваат границите кон оние простори каде ниеден друг бенд не се осмелил да истражува. Ова епско остварување ве носи на патување кон освестувањето, преку музичкото славење и ги охрабрува своите слушатели да зачекорат подалеку од ограничувањата на традиционалните и модерните начини на живот, како и да ги отворат своите умови за секоја можност.

 

Comments

comments