Како и сите земји на западниот империјализам, така и Македонија го живее златното доба на винил фетишизмот.

Генерациите кои никогаш не биле во допир со заразната текстура на оваа материја врз која се пресува музика, се возат во манир на епско откровение, додека постарите vinyl junkies минуваат низ уште еден скап рецидив, кој сепак, барем на момент ги враќа во старите добри времиња.

Да резимирам, живееме еден голем, на моменти и раскошен огномет од втора, па и трета младост и младешки ентузијазам, покренат од плочите кои се вртат во круг и не маѓепсуваат со музиката која е втисната на нив.

Одамна не е новост да некој актуелен македонски бенд издаде албум на винил. Она што полека почнува да биде сериозно движење е издавањето на винил на стар, речиси архивски материјал, кој долж објективни причини, никогаш не успеал да се најде на солиден, или било каков носач на звук.

Тажниот факт дека како држава/култура имаме криминално лош учинок за архивирање на сопствената музика (и култура воопшто), остави безброј „опашки” – нереализирани, необјавени материјали.

Некои од тие материјали се од мошне сериозно значење и имаат музичко-културолошко влијание кое ги пробива границите на повеќе децении.

Падот на Византиа е дефинитивно еден од највлијателните македонски бендови, кој денес сосем логично и оправдано ужива култен статус, а нема ниту еден носач на звук. Малку поради прекраткиот период на постоење на бендот, малку поради во тоа време ненадминливата културна дискрепанца во нашето општество, генерациите македонски алтернативци се запознаваа со нивните небрусени дијаманти преку обскурните снимки кои циркулираа низ подземните хард дискови-you tubе-штогоде само дај да слушаме „носачи на звук”.

Падот на Византиа всушност имаат само 2 песни снимени во студио, се друго се bootleg квалитет концерт или гаража снимки, во превод: далеку под ниво за издавање.

 

 

Но посебноста и влијанието на овој бенд одамна го претекна значењето за квалитетот на снимките, па сериозен носач на звук стана must have/must do за оние кои македонската музика и нејзиното архивирање е приоритет.

[ДИГРЕСИЈА: Падот на Византиа е главно во состав: Горан Трајковски, Зоран Дабиќ, Шпенд Ибрахими, Сами Ибрахими. Горан Трајковски потоа ќе ги создаде или ќе биде дел од Апореа, Анастасиа, Мизар, Биоскопија, а има многу богата соло кариера и по мое мислење е еден од најрелевантните македонски музичари од поново време]

Издавањето на плочата на Падот на Византиа оваа година е едно од врвните случувања на домашната музичка сцена. Бесценета музика која 32-3 години чекаше да биде притисната на винил – тој волшебен збор од втората декада на 21виот век.

Веќе споменав дека се работи за обскурни гараж/концерт снимки, кои на ова издание му обезбедуваат bootleg вредност. Издавачот, NE!Records, се потрудил да извади максимум од снимките за што заслужува силна пофалба. Музиката дефинитивно се слуша подобро од оној тјуб квалитет на кој увото се навикнало низ годините. Нешто подобро се слуша, а и грст песни повеќе има ЦДто кое доаѓа како бонус кога ќе го купите винилот. Патем речено, винилот веќе не можете да го купите во Скопје, оние стотина копии кои дојдоа, ги снема за пола ден, што само додатно говори за фактот колку високо скопските дискофили го ценат ова издание.

За мене голема вредност е дека оние две песни „Почеток и Крај” и „Сепак Истата Состојба” кои имаа луда среќа да бидат снимени во студијата на Радио Телевизија Скопје во далечната 1985, добија солиден отисок на носач на звук и конечно го дотрчаа кругот кој го започнаа пред повеќе од 30 години.

Како што самиот лидер на бендот, Горан Трајковски кажа, рок’ен’рол семето е земено од запад и посадено овде во Македонија, за да никне оригинален македонски рокенрол.

Падот на Византиа се надоврза на малкумината музички визионери кои низ децениите се осмелија да да ја локализираат светската, истовремено глобализирајќи ја нашата музика.

Мошне креативно, иновативно и пред се успешно, тие ги искомбинираа западните со источни/византиски (читај:наши) влијанија, за да добиеме нов развој во нашиот, автентичен, македонски рок’ен’рол.

Генерациите кои дојдоа по нив, студиозно ја примија и научија оваа лекција, продлабочувајќи ја автентичноста, но и интернационалноста на македонската музика.

Под дрво и под камен. Најдете ја плочата. Врамете ја и ставете ја на ѕид.

П.С. Ако имате грамофон, можете и да ја послушате.

 

Comments

comments