Палиндром прв пат ги видов 2014та година во бек стејџот на Aqua Park фестивалот во Пробиштип.

Додека помалку опсцено се опуштавме пред нашиот настап со мојот бенд PMG Kolektiv, во шаторот (бекстејџ) упаднаа 3 брадести момчиња со рунтави нозе и карирани кратки панталончиња. Тоа е тој „рокенрол” во 21виот век – се погледнавме под око со моиве колеги, несигурни дали се смешкаме од задоволство, или се потсмеваме со благ

Сепак знаеме сите дека PMG Kolektiv е тешка шминка. Испадна дека дечките свират набргу, пред да се стемни, па решивме да ги послушаме што тоа нуди овој маркантен аутфит.

Едно од најубавите бендовски искуства е кога заеднички ќе имате музичко откровение. Токму тоа и се случи на речиси празниот тревник пред големата бина на која две момчиња со бас гитари и едно на тапани, ни направија фантастична журка, возејќи со сирова панк енергија по некои Tortoise, па и џезирани ноиз ивици. Спонтана реакција на препознавање на луѓе кои се сосем сериозни и некако самоуверени во сопствената музика. Поентата, не?

 

 

Во меѓувреме имав можност подобро да ги запознаам и приватно, а и речиси да го пратам нивниот музички развој преку рандом нивни настапи низ Скопје.

Нивната цврста ритмичка структура, излетите во ноиз, прог, па дури и метал, се основна карактеристика на бендот. Сепак јас највеќе се примам на она што врие под комплексната и згусната површина и испливува повеќе како идеја отколку звук, да не речам образование, а тоа е џез.

Можеби си замислувам, но еден куп џез како да чека да експлодира под тврдиот покрив од младешка енергија. Но помалку важно. Повеќе важно е дека ова се динамични и креативни скопски деца, кои пред се се одликуваат со автентична љубов кон музиката и секако прекрасно домашно воспитание. Што може човек да посака од својот нов омилен бенд?

Приказната за деби албумот се одмотуваше подолго време, па информацијата дека конечно ќе излезе во април оваа година, ми дојде како олеснување. Не дека ме јадеше сомнеж дали ќе го биде, туку чувствувам дека момциве имаат една перфекционистичка нота, а тоа често знае негативно да се одрази врз делото на младите артисти од било која провиниенција.

Но работната етика на новата генерација не потфрли и на 3ти следниот месец „Desert Y”, ќе го здогледа светлото на денот, во форма на ЦД и дигитален даунлоуд, потпишан за Deny Records.

Првенецот на Ерик Омераѓиќ (бас гитара), Филип Поповски (бас гитара, процесор) и Кристијан Нонковки (тапани, џембе), засилени со Нинослав Спировски (кларинет) и Дени Омераѓиќ (синтисајзер, глас, деф, дајре), самоуверено и енергично ќе затропа на вратата на амбициозниот слушател и ќе го предизвика на соничен двобој.

Острите рабови и сировата енергија од живите настапи се природно присутни, но во една култувизирана и естетизирана форма.

 

 

Помалку важно дали е тоа резултат на рафинирањето на изразот низ овие 4 години колку што Палиндром постојат, или на интервенциите на продуцентот Дени Омераѓиќ, кој во последно време полека се наметнува на локалната скопска сцена како релевантен музички играч, а особено преку добриот вкус и студиозниот аналитичен пристап.

Музиката и понатаму ја носат две ту мелодични, ту налутени бас гитари и секако тапан, за кои не постојат стилски и музички граници.

Овој албум подеднакво апелира на љубителите на пост рок, џез, прог рок, метал, па дури и современата класична музика, но заеднички именител е слободниот израз и предизвикот кон слушателот.

Ако баш сакате да ви опишам, тогаш ова се зборовите: МОДЕРЕН ВАРДАРСКИ СУРФ – БЛУЗ. И тука ќе ве олабавам од епитети, параболи и објаснувања и ќе ве упатам правец запознавање со овој ЖЕЖОЖ ЖЕЖОК скопски бенд кој ветува акција.

 

Comments

comments