Што е Paratissima? Каде се одржува? Која е целта и идејата? Зошто Partissima? Одговорот на овие неколку суштински прашања ќе ги разреши сите дилеми и колебања околу Paratissima и Paratissima Скопје.

Како во секој учебник, логично е да се започне со дефиниција за тоа што е Paratissima:

„Paratissima е меѓународен саем за алтернативни уметности кој пред сè има за цел да ги подржува и охрабрува новите уметници и артисти од различни сфери на уметноста, културата и креативноста”

Според мојот начин на резонирање на нештата, се работи за простор каде уметници и артисти од различни сфери и држави ќе имаат можност во временска рамка од неколку дена да се презентираат себе си и сопствените дела и креации. Плус сето ова е придружено со музичка програма, работилници и многу други елементи.

Откако те запознав со основното начело на Paratissima, сега е време да те насочам кон запознавање со она што Paratissima го нуди и да дадам одговор на останатиот дел од прашањата.

 

 

Зошто Paratissima?

Paratissima гледа на уметноста и креативноста како на една социолошко-колективна вредност која не би требало да биде достапна само на одредени автори и публика, туку да е наменета за целокупниот спектар на артисти и ентузијасти кои сакаат да бидат дел од оваа приказна.

Paratissima е линк кој ги спојува постоечките мрежи на културни и креативни сектори, и со тоа им дава шанса и можност за соработка на нивните членови за нови идни проекти и иновации.

Каде се одржува?

Paratissima е настан кој секоја година се одржува во месец јуни во Скопје, месец ноември во Торино и месец јули во Лисабон. Идејата на Paratissima е од година во година да се шири во повеќе држави/градови преку креирање на хабови. Отворени се за секаков вид на соработки кои би биле во склоп на веќе постоечкиот концепт.

 

DSC_5805

 

Кој и како може да учествува на Paratissima?

Да земеш учество на Paratissima потребно е само да аплицираш од кога ќе биде објавен конкурсот. Не постои селекција за тоа кој може, а кој не може да учествува – сите учествуваат. Нема дискриминација во поглед на години, пол, националност, академска позадина, портфолио итн. Напротив, Paratissima ги охрабрува сите артисти и организации да земат учество.

Paratissima во Скопје

Оваа година е третото издание на Paratissima Скопје и ќе се одржи од 10 до 12 јуни во МКЦ.

Paratissima Скопје го распиша повикот за учество кој трае до 30 април 2016.

 

DSC_5507

 

Правила за учество

Секој може да аплицира, од артисти и креативци до уметници и ентузијасти. Секој автор има апсолутна автономија при дизајнирањето и презентирањето на сопственото дело. Нивните дела ќе бидат изложени во МКЦ.

Котизацијата за учество е 25 или 35 евра: 25 евра (или 1.500 денари) е за сите македонски уметници, а 35 евра за странските уметници кои само ќе ги пратат своите дела по пошта за да бидат дел од изложените дела.

 

IMG_3893

 

Откако те наранив со мал куп информации, мислам дека имаш добра претстава за што се работи и си спремен да се пријавиш, да учествуваш, да се дружиш и да се претставиш себеси пред уметници и артисти од различни земји со кои делиш иста визија.

П.С. 106 независни автори со потекло од 21 земја, 15 специјални проекти, 15 настани во живо, 8 работилници и 4.600 посетители се само дел од бројките кои ја обележаа Paratissima Skopje 2015, па ајде оваа година да ги подобриме овие статистички информации со поголема инволвираност и масовност.

 

Comments

comments