#RebornFoodporn Фото: Елена Фиданска
Готви: Петар Шокаровски

 

Кога не си сигурен што сакаш, избираш паста.

Тоа не значи дека немаш доволно исцртан карактер или дека не знаеш што сакаш во животот, едноставно значи дека им веруваш на оние што знаат подобро – на италијанците кои има причина зашто се решиле целата култура и иднина да си ја потпрат на добра паста, црвено вино и свежо еспресо.

Затоа што оддамна помина времето кога нè чудеше тоа што во Италија не јадат макарони со кечап, денес знаеме доволно рецепти за секој хороскопски знак и за секој роденден на блиските да можеме да понудиме различно мени. Последниот пат со Петар, кој верува во паста, но не во еспресо, готвевме паста со вргањ, а подолу е неговиот фантастичен рецепт. Bon Appétit!

 

Потребни состојки:
  • 1 шака сушен вргањ
  • 1 чили пиперка (по желба)
  • 1 подебело парче сланина
  • Тестенини по избор (ние користевме 250 грама linguine)
  • Свежа или сушена мајчина душица
  • 1-2 супени лажици путер
  • Пармезан

 

1. Припреми го вргањот

Стави го вргањот во чаша, наполни ја чашата со вода и остави ја да отстои 30-тина минути, за вргањот убаво да рехидрира. Течноста, или чајот од вргањ како што јас сакам да ја викам, не ја фрлај, затоа што ќе ти треба за подоцна да го издинсташ вргањот во истата.

 

 

 

2. Испржи ја сланината

Исечкај ја сланина на коцкички, големи околу половина сантиметар и пропржи ја. Што би рекол Gordon Ramsay во една прилика, “Take it further than you have ever taken minced before”, па така и ти, за да стане крокантна, пржи ја дупло подолго од она што мислиш дека е доволно.

 

 

 

3. На сланината додади го вргањот

Во тавчето каде се пржеше сланината додади 1-2 супени лажици путер. Во меѓувреме, исцеди го вргањот и додади го во тавата откако путерот ќе се растопи. Пржи го вргањот неколку минути. На вргањот додади го исецканиот лук и продолжи да пржиш уште 2-3 минути. На крај, во тавата додади половина од „чајот од вргањ“ и намали го огнот за на тивко да динста вргањот.

 

 

 

4. Припреми ја водата за паста и #SaltBae

За припрема на пастата, наполни еден голем лонец со вода и стави го на оган да се загрее. Откако водата ќе почне да врие, додади малку сол (#SaltBae).

 

 

 

5. Продолжи со динстање на вргањот

Кога водата од динстањето на вргањот ќе испари, додади ја и останатата половина и продолжи да динсташ додека повторно делумно не испари водата. На смесата додади малку мајчини душица, за да замириса уште поубаво. Кога пастата ќе биде „ал-денте“, исцеди ја, но зачувај една чаша од водата во која се варела.

 

 

 

6. Свари ја пастата

Во меѓувреме, додека вргањот се динста, штом почне да врие водата, додади ја пастата.

 

 

 

7. Додади ја пастата во сосот од вргањ

Додади четвртина чаша од зачуваната вода во која се варела тестенината на сосот од вргањ. На сосот додади ја и исцедената паста и мешај додека не се соединат пастата и сосот. Доколку ти изгледа суво, додади уште малку од водата во која се готвела пастата.

 

 

 

8. Сервирај ја пастата

На крај, сервирај ја пастата со свежо изрендан пармезан, а одозгора фрли малку од крокантната сланина и доколку си љубител на луто – малку чили.

 

 

Comments

comments