Pata Pata е македонска електронска дискографска куќа, базирана во Струмица. Пред неколку месеци ја надмина бројката од 100 изданија. 100 изданија дами мои и господо!!!

Ова е импозантна бројка за било кого во светот, а тек за лејбл од малата Македонија, земјата на топли луѓе со студени срца и комплетно без музичка индустрија. Бројка која инстантно влева длабок респект и евоцира сериозна посветеност кон музиката.

Ентузијазам дами и господо, кој за многумина е мислена именка. Кои се овие луѓе, зошто го прават ова и со што побогу ги хранат таму во сончевата Струмица. Pata Pata интервју во Reborn беше најмалку што можеме да направиме за да ја одбележиме нивната прва 100тка. Да им се множат!

 

 

Вашата дискографска куќа има повеќе од 100 изданија. Тоа не се случува често во светот, уште помалку во Македонија. Од каде ја црпите енергијата за вашата работа и конзистентност?

Tочно, имаме над 100 изданија и десетина компилации со артисти од цел свет (Аргентина, Шпанија, Италија, Германија, Англија, Словенија, Канада, Грција итн.) во период од 4 години и тоа е резултат на искрена посветеност пред се кон публиката, електронската музика и самите уметници на што сме навистина горди. Самата помисла дека сме дел од глобалната музичка индустрија и ставаме свој печат, ја храни нашата пасија да продолжиме сигурно да го градиме брендот.

 

Живееме во ера на интернет, “глобално село”. Ми се чини дека вашата работа околу лејблот е повеќе ориентирана кон “надвор”. Сепак вие сте македонски лејбл. Кои се вашите размислувања на оваа тема?

Можностите што ги нуди глобалната сцена се далеку поголеми за разлика од она што се нуди дома и затоа нашиот фокус е ориентиран кон „надвор“. Самото тоа што соработуваме со интернационални артисти, видливоста на медиуми чиј акцент е ставен на светската електронска музичка сцена и нашата достапност на платформи како Spotify, iTunes, Beatport, не условува да бидеме ориентирани кон надвор. Истовремено сме присутни и дома, но за жал, тука ја немаме таа навика да гледаме на дигиталната уметност како продукт кој има вредност.

 

 

Живеете и работите во Струмица. Како е таму, дали сте задоволни од можноста за промоција на вашата работа? Добивате шанса по локалите, или морате сосем сами да се борите за простор?

Струмица е мал град, но со перспективна младина која всушност е нашата главна публика и мотив. Имаме максимална поддршка од бројните локали, кои ја негуваат оваа култура и не само што даваат шанса, со дел од нив активно соработуваме со заедничка цел да понудиме разноликост, а не секојдневна монотонија. За поздрав е тоа што локалите даваат шанса и на други перспективни артисти кои сакаат да се промовираат и да бидат дел од променатата во заедницата. Она што најмногу не радува е тоа што публиката се поистоветува со тоа што е Pata Pata – експресивен начин на дејствување и прогресивен бренд кој нуди разноликост.

 

Публиката во Струмица е позната по склоноста кон народно. Кое е вашето искуство? Сигурен сум дека имате да кажете нешто на оваа тема.

Народното беше, е и ќе остане декор на македонската историја. Народното не е проблем, напротив тоа е наша традиција со која се гордееме. Проблем е кич музиката и турбофолкот кои ја ништат идејата за развој на техно сцената и алтернативна култура што сакаме да ја наметнеме. Тие се веќе вдомени во општеството и креираат лажни вредности и празни субкултури. Наша цел е тоа да го искорениме и да направиме промена во менталниот склоп на младите, а тоа е да понудиме нова урбана димензија.

 

Дали се чувствувате како дел од македонската електронска сцена? Има ли доволно соработка, се чувствува ли поврзаност? Што мислите за сцената во земјата?

Нормално, да. Ние сме дел од македонската електронска сцена и нашата улога не е епизодна. Секогаш пристапуваме проактивно кон можностите за соработка, кон публиката која не следи и кон оние кои ги држат „конците“ на домашната сцена. Не секогаш сме наишле на истиот пристап, но тоа не не обесхрабрува. Напротив сакаме заеднички да ја градиме и развиваме сцената, која во последните години е пасивна, под монопол на одреден круг на луѓе кои примарно електронската музичка сцена ја гледат како бизнис, а не како уметност и можност за општествен напредок; секоја чест на ретките исклучоци.

Затвореноста, стравот од конкуренција, новитети и игнорантскиот однос се главните чинители кои можат да бидат кочничари на електронската сцена.

 

 

Кои се вашите планови во следниот период? Има ли нешто значајно што би требало да знаеме за Пата Пата?

Pata Pata Recordings станува минато и отвораме нова страница во нашето постоење, надоградена и проширена во Pata Pata Music Group која во себе ќе инкорпорира повеќе сегменти од електронската музичка култура.

Новата платформа е водена од нас (Ted Dettman и Sal Sonder), кои покрај нашата авторска музика, ќе продолжиме да промовираме интернационални и домашни артисти. Новиот почеток ќе го означи германскиот артист Christian Hornbostel, а следуваат и други етаблирани имиња. Веќе е договорено потпишување на врвни артисти, кои ќе бидат обзнанети на нашите социјални канали во периодот што следи.

Покрај ова, акцентот го ставаме на организирање на настани, продлабочување на соработката со други етикети и артисти, зголемување на популарноста на техно културата меѓу младите, експериментирање со други сродни уметности и едукација на младата популација.

 

Comments

comments