Скопје сака техно. Го сака детски, искрено, небаре е некоја бајка која му ја раскажувала баба му пред спиење и сега бајката живее, а сите можеме да бидеме дел од неа.

Скопје паметно ја искористи првата музичка култура која историски ја живее во real time со светот и успеа да изнедри неколку деца/генерации, кои мошне сериозно и автентично си ја сфатија работата, да бидат трибуни, но и уживатели на еден масивен и релевантен светски процес. Со сета почит кон минатите генерации на вљубеници во музиката-тие втемелувачи на потребата за актуелно културно доживување, техно децата за прв пат успеаа да го стават Скопје на мапата на светските музички случувања, паралелно со водечките центри.

Александар Видиновски ефективно припаѓа на третата генерација скопски техно фрикови. Тие деца не влегоа во вртлогот на неконтролираното губење глава по легендарните скопски chill out/after party во 90тите, што резултираше со едно чиста, хемиски неиндуцирана перцепција на есенцијата на оваа модерна машинска музика, што само по себе е вистинско освежување и не само на нашата сцена.

Тоа прочистено музичко доживување резултираше со музичка креација која полага подеднакво внимание на идеолошкиот и продукцискиот момент, со сериозно присутна амбиција за пласман на музиката, пред се во светот. Оваа генерација ја изнесе на виделина потребата да се застане рамо до рамо со светските продуценти и да се покаже потенцијалот, кој ова мало и лудо, но пркосно музикално парче терииторија го поседува.

Видиновски го запознав некаде на почетокот на две илјадитите, како дел од диџејската формација Pollux и половина од техно составот Sound Diffusion, со кој реализираа 30тина изданија за реномирани светски лејблови. Декада подоцна, тој веќе грозничаво работи на соло материјал, кој го издава преку сопствените дискографски куќи Argumento и 778 Frequency.

Строго посветен на винилни изданија, тој е еден од ретките кој го одржува Скопје на мапата, правејќи го дел од актуелната светска потреба да се зачуваат плочите како носач на звук. Нема ништо лошо во тоа да се биде дел од светскиот винил фетиш френзи, не? Напротив, cool е. 🙂

 

 

Како пионер, вљубеник во техно музиката, издавач, промотер и секако негов пријател, ми се наметна идејата да го предизвикам ова ретко здраво и позитивно скопско момче, да издаде албум за PMG Recordings.

На овој старомоден предизвик, Видиновски одговори мошне сериозно, амбициозно и промислено. Направи концепт приказна со која ни овозможува духовно-историска прошетка низ најрелевантните скопски клубски точки од почетокот на 90тите до денес.

Погледнете ги само насловите на песните на неговиот албум: Roooom, The Club, Metropol, MNT, Sektor, Kapan An… тие очебијно говорат за интимно доживување на автентичната скопска техно култура на еден најпрво конзумент, а потоа и легитимен чинител и двигател на тоа движење.

Неговиот деби албум нема намера да кореспондира со најактуелните токови на електронската музика, туку повеќе да комуницира на емоционално ниво со слушателот.

Музички и продукциски максимално издржан, овој албум нуди саундтрак за вашето модерно скопско деноноќие. Можете внимателно да го преслушувате, можете да си играте по дома, а можете и да се дотерате и да излезете во град, па да налетате на некоја од овие песни по скопските локали каде сè уште со голема љубов и посветеност се негува нашата техно култура. Токму љубовта, внимателниот и крајно сериозен пристап кон музиката и културата, не доведува во позиција вака самоуверено, па дури и арогантно да зборуваме за нашето малку, но автентично и квалитетно. Албумот „Patterns” на Видиновски е сосем таква афера, а вашата колекција без него ќе е непотполна.

 

 

Comments

comments