Ок, дечкото одел на протести, можеби мавал и со боја, можеби не. Инфото варира во зависност од тоа дали си прочитал на Твитер или на Фејсбук. Е после тоа нашол работа нешто како некој ПР за нешто како култура. Се разбира, во државна администрација. Звучи познато? Секако.

Сите имаме другарчиња од град. Супер фина инспирација за една убава, интелигентна, флуидна песна, фантастично наречена „Дечко те пратам“, нашата песна за месец април 2018. Е сега, она и он во Карпуш 2 на времето свашта заедно сањале, на клупа правеле, на облачиња во Струга патувале…

Она го потсетува и постојано му повторува дека го прати, ама не во мањачки фазон. По мене, најдобро од сè што правеле е што слушале Yo La Tengo, а Yo La Tengo мноооогу слушале Stereolab. Сето тоа не доведува до HAPPY HAPPY END исход, кој можете да си го пуштате секој ден во месец април, на пример од сабајле. По само 3-4 дена ќе забележите дека животот ви поприма една фина лаконска аура.

 

 

Назад со нашата редовна рубрика „Песна на месецот“, во април 2018 се фокусираме на едно од најхипстерските изданија на македонската сцена – „Краток албум за двајца“ на Телемама и Пиколомини. И покрај приметливата лиричка занимација на Телемама да го „шмиргла” белосветскиот, но и домороден хипстерај (Јорган планина, Аника), сепак „албумчево” врви од назнаки кои ќе го доведат во центарот на вниманието на локалната емо-интелектуална хипстераана, а некои од тие кругови ќе го прогласат и за албум на годината.

Како рандом помирување со животот/условеноста во урбаната џунгла, есетиката на нејзиниот израз и понатаму е кроток бес, кој на моменти освојува со својата сензуалност. Но има и мигови на комплетен turn off, кога преочигледно звучи како Ристо Вртев од Архангел (Роденден, Слободна Сина). Сепак убав звучен чекор напред за Телемама по извонредно симпатичниот деби албум кој од рудиментирани музички услови направи вистинска доблест.

Најголем комплимент за лириката/мелодиката на Телемама е интересот и музичката реализација на еден од нашите најталентирани композитори на ова време, господинот Давид Ангелевски (Pikolomini, A Tribute to Dead Gentleman, Una, Sharla). Веќе докажан мајстор на атмосферата, мелодијата и еклектиката, тој им вградува вистинска авантура и кадифена возбуда на песните кои се поместени на овој албум.

Музиката на моменти е бравурозна, па на ивица на генијалност, а на моменти забегува во маниризам и понекоја претерана интелектуализација. Можеби не сите овие музички патешествија имале амбиција некој ден баш да станат песни-песни, но оние кои успеале да ја заокружат приказната со лириката и кликнале со сегалактичката вистина, го прават овој уникатен албум кандидат за сериозно преслушување и вреднување. Рецензирајќи го материјалот изминативе денови во мојата глава, сфатив дека всушност вистинскиот опис се наоѓа токму во неговиот наслов: „Краток албум за двајца“.

Поддржете ја домашната сцена и набавете си го тука или купете го на ЦД, сеедно.

 

Comments

comments