Рака на срце, Скопје отсекогаш бил по малку ружен град.

Редовно знае да потфрли со архитектура, дезорганизација, хигиена… Дајте му тастатура во рака на некое дежурно хејтерче и ќе ве однесе на силно фрустрирачка турнеја низ „нема нишо у градов срање е браат” и „Скопје брат тешки опинци те газат” и така натака.

Но ајде да ги оставиме комплексите на комплексашите и да бидеме реални: Скопје не го чинат зградите, ниту мостовите (ни Камениот мост да), ниту ретардираната турбо-опинок екипа, ниту локалните политички слуги на новиот светски поредок.

Скопје го чини духот на неговата младост. Ентузијазмот на неговите деца гладни за култура, напнато креативни, арогантни во својот музички став и желни за компетиција со сјајните имиња на извиканите светски градови. Една од најголемите привилегии на мојата професија е да ги среќавам токму најдобрите деца од градовите каде патувам, но најдрагоцени ми се секако средбите со најфините скопски деца. Тие средби ми го исполнуваат срцето и ме потсеќаат на поентата на моето постоење.

 

 

Деновиве имав средба со 3 фантастични скопски деца, кои имаат само една песна засега, но толку е добра, што немав избор, а да не се воодушевам. Вистински хит од умните градски сокаци, па директно на Youtube со 30.000 хитови за само 15 дена, што за деби сингл на „гуштери” е вистински старт од соништата.

Мартина Баракоска (тапани), Борис Какуринов (гитара, клавијатури) и Илчо Нечовски (вокал и бас гитара) го сочинуваат триото Дупер/Duper, а песната која зрачи со неодолив младешки шарм и освојува на прва, носи наслов „Не Сум Твој Тип“. Имаат 21-22 години, паметни се, убави, културни и воспитани, промислени и прилично зрели за своја возраст, како на муабет, така и околу продукцијата на нивната музика.

Разговорот со нив тече лаконски, насмеани лица, позитивен однос и мошне сериозно околу својата музика и начинот на кој сакаат да се претстават. Студираат факултети, но имаат сериозни музички амбиции, кои секако ќе зависат од талентот, трудот и секако борбата која се подготвени да ја вложат. „Не сум твој тип“ е ведра и разиграна инди-поп нумера, која прецизно го отсликува нивниот прекрасен дух, но претставува и цврста заложба за борба против траорот на социјалното опкружување кое во принцип гуши се што е весело и позитивно. Јасен младешки изблик против се што мрси муда, кука и влече надоле.

Но да не тегнам премногу, време е за музика. Дупер се баш супер, послушајте го новиот мега-хит и кликајте ли кликајте на видеото. Ова се наши деца. Наши. Да ги сакаме.

 

Comments

comments