Јуни е месец на светлината.

Кајсии како сонца златни, цреши како крвави месечини, денови издолжени во пријатен бескрај. Улици кои почнуваат полека да се топат, оптимистички џагор на нови клинци кои прв пат излегуваат во маало. Полека стигнуваат првите ФБ фотографии од плажа, се фаќа низок старт за летните фестивали. Топло е. Врашки е топло, а во Скопје и загушливо од влажниот воздух. Летните хитчиња по комерцијалните радио станици ја згуснуваат врелината на атмосферата, а човек во потрага по разладување посегнува дури и кон молитва. Да, молитва… она збунувачко орудие на очајот.

Но СТОП! Стоп тука и не очајувајте, драги наши Reborn јавачи на апокалипсата. Песната за месец јуни го донесува крајно потребното разладување. Музичко, лиричко и атмосферско разладување од висока категорија. Студено-мелодична drum’n’bass градска фонтана, со одлично искомбинирани машки и женски вокали, кои шепотат за некаква колективна урбана празнотија и осаменост… или можеби е приватна приказна. Без разлика кон што е вперена, музичко-лиричката нарација е мошне сугестивна и успева да внесе одредена доза на студ во коските на вашето тело, кое испарува на непријателското јунско сонце.

 

 

Професионална продукција и аранжман на нашиот Fin Project појачан со Kaly, а вокалите се на реномираниот Васко Атанасоски (Bernays Propaganda) и Tena Rak (Vlasta Popić). Песната е пилот сингл од новиот Fin Project албум „Re:vision”. Обрнете внимание.

И уште само еден удар од нас, во правец кон летната грозница: видео спотот е уште постуден и побезнадежен, вистински анти-летен манифест. Склопен е од извадоци од филмот „The Little Love God“, на црногорскиот режисер Жељко Шошиќ. Ок, можеби е анти-летен, па сепак секси. Секси? Секси е Никола Ристановски и тоа веќе 4 децении. Токму тој глуми во спотот. Дами и господо… погледнете/послушајте.

 

Comments

comments