Се сеќавам точно на денот кога црно-белиот телевизор го заменивме со телевизор во боја.

Далечната 1977ма година, еден ден ме враќа дедо ми дома од градинка, мајка ми го дои брат ми бебето у дневна, а на малиот екран наместо стариот монохроматски, се отвори сосем нов свет на бои и можности.

Се сеќавам на времиња, почеток на 90ти, кога цел скопски андерграунд-body-count беше присутен на Канал 103 журките во тогашна Мусандра. Рокери, панкери, даркери, хард корци, технаши, индастриал, шминкери, експерименталци, металци… you name it – we got it, небаре 103 журот беше некое средсело за отпадници, бунтовници и прекрасни маргиналци.

Не ми излегува од памет како грамофоните ги заменивме за гитари, па после ги откачивме гитарите и за сите пари купивме пак грамофони, за после пак да набавиме гитари и басови и појачала и се тоа во период од само 20 години. Сеа купуваме мног сајзери. Да има.

Ако треба да издвојам некој повозбудлив музички настан/процес од денешницава, овој симпатично хистеричен 21ви век, со задоволство ќе констатирам дека сум жив и мошне ентузијастичен сведок на тоа како Фонија се трансформираа во My Tear. Како тоа еден автентичен скопски бунтовен клиначки крик за смисол, полека но сигурно го доби својот смисол. Музички смисол. Едноставна, но за многумина музиканти недостижна точка во мисловниот процес, но и кариерата.

 

 

Синтаксичката точка на Фонија, еден од омилените градски асфалтни панк бендови, во оваа приказна се престори во запирка, токму на местото каде што синтисајзерите ги пресретнаа гитарите и од средство за бука ги унапредија во атмосферичен слој од искуство. Сировата сонична обланда на Фонија доби сосем свежа, насмеана продукциска линија, која практично го истакна чистиот поп потенцијал на ова прекрасно младешко трио од западно Скопје. Гласот на Дени Крстев (вокал, композитор, продуцент, гитарист) е еден од најдрагоцените скопски парчиња адолесцентски восклик. Полека но сосем сигурно, тој глас зрее и се подига на ниво на еден од најпозитивните вокали на современо Скопје. Воопшто не го кријам задоволството од оваа негова трансформација во еден од најквалитетните наши музичари во моментот.

Кога во 2016, нивната песна „Човек од Стакло“ беше прогласена за сингл на годината според култното скопско радио Канал 103, сеуште се викаа Фонија, но Рубикон беше прескокнат. Тие веќе имаа нов идентитет: беа поп бенд. Како што тоа бива со сите cool ентитети, остана само уште да го променат името. „My Tear“ не би бил мојот избор за име на поп бенд, но музиката која ја издаваат под ова име полека го рендерира во совршено за пригодата. Магијата е сосем нормална последица на љубовта и посветеноста, а нивниот нов сингл „Остави ме да Бидам“ (Балкан Велики 2018), е вистинско волшебство од едноставност и убавина. Фабулозно поп-рок музичко ехо од средината на 80ите, врз кое паметно се простира сјајно срочен текст, кој служи ко јадица на која се закачува слушателот, небаре риби сме ние, љубителите на музиката. 🙂

Но доста се зборови, нема поента да ве удавам во моето цунами од воодушевување. Удавете се во емоционалниот вортекс на песната. Нашата песна на месецот. Хит!!!

 

Comments

comments