Како стојат работите, има нешто позитивно во воздухот или во водата во Македонија оваа година.

Покрај сета паланечка хистерија и страв од промена, кои присилно го мелат нашето кревко секојдневие, редовно добиваме генијална дебитантска музика. Постарите музичари, навикнати на општественото задушување, одамна нашле адекватен начин да одговорат на мизеријата. Но секогаш се грижиме за новите деца, знаете она: „абе нема нови деца“, „слабо децава“, „нема клиначки бендови“. Епа тоа не важи годинава!

Минатиот месец ги имавме дебитантите Дупер, кои во меѓувреме станаа толку популарни мега ѕвезди, што не реагираат ни на poke на Фејсбук, уште помалку кога им пуштаме змија на телефон. Но воопшто не беше тешко да си најдеме нов миленик и тоа дебитант на македонската музичка сцена. Веќе спомнав – има нешто волшебно во воздухот драги мои.

Димитра е прекрасна госпоѓица на свои 18 години, а живее и работи во Битола. Пред само малку повеќе од месец дена излезе нејзиниот деби ЕП „Живот во Живо“ за реномираниот скопски лејбл Шарла. Интимна музичка и лиричка нарација во електронска обланда, со силен урбан печат. Саундтрак за мала ноќна прошетка со Ања Рупел (Videosex) низ утописка Битола.

 

 

„Самовилска Прашина“ е навидум кротка композиција, низ чија исповест пулсира богат внатрешен живот. Силно алертирани нервни завршетоци, богато растечени сокови на страста и самосвест на завидно ниво. Би се осмелил да речам дека песнава пулсира со зрелост над 18те лета кои позади себе ги има Димитра.

Во прилог на ова, ќе ви нафрлам еден мал цитат од текстот на песната: “Ти ме држиш за срце, но јас те држам за јајца”. Ако сето ова ви е малку, ќе додадам дека во последно време редовно ја пуштам оваа песна во моите диџеј сетови, а ја ставам во микс со некој опако продуциран House tool и добивам неверојатно пријатни резултати од типот: „Кој е ова???!!?” (ме прашаа две госпоѓици една вечер во Битола на пример). Значи песната располага со генијална атмосфера и измиксана правилно поседува извонреден dance floor потенцијал.

„Самовилска Прашина“ на Димитра е нашата песна на месецот. Суптилна, а храбра; кревка, а силна од внатре; едноставна, а разоружувачки убава; некомерцијална, но полна со потенцијал. Сега се зависи од вашите уши, срца и духовен капацитет. Ајде да ја слушаме. Репетитивно.

 

Comments

comments