Пред три години во Скопје на Engage конференцијата гостуваше Питер Сунде, основач на Pirate Bay.

Раскажа дека кога престојувал во Африка, неговите домаќини му покажувале шопинг центри, го носеле во McDonald’s и се „фалеле“ со сите современи конзумеристички симболи кои за жителите на Шведска и сиот „западен“ свет не се ништо ново. Напротив, ги имаат и одвишок.

Сунде вели дека ова му се случувало секогаш кога одел во мали и сиромашни земји – се обидувале да го импресионираат со светски франшизи познати секому. Истовремено, како да се срамеле од своите локални брендови и сето она што ги правело уникатни во морето на корпорациска едноличност.

Сунде ни порача да не ја повторуваме оваа грешка, велејќи дека никогаш нема да може да се натпреваруваме со големите западни земји и нивните брендови. Но токму затоа е неопходно да ја развиваме и промовираме автентичноста на локалните форми, бои, вкусови и идеи.

„Не нè копирајте нас“ – рече основачот на Pirate Bay и нѐ советуваше дека на светот можеме да му бидеме интересни само со нашата локална оригиналност, а не со нашиот неуспешен обид да понудиме бледа копија на западните земји.

Во развиениот западен свет масовното производство, култура и медиуми стануваат веќе застарени приказни. Во Македонија дури сега ги откриваме, а им додаваме вредност која реално ја немаат. На пример, масовно произведени брендови на облека со прилично низок квалитет, овде се ценат како врвен дизајнерски производ, додека локални, уникатни парчиња од квалитетни материјали се игнорираат. Процесирана храна преполна засилувачи на вкус и емулгатори, на која не ни може да и’ се одреди потеклото се вреднува како врвно гастрономско искуство.

Истовремено, сè повеќе ги забораваме раскошните вкусови и рецепти на поднебјето, кои помешани со модерни готвачки практики стануваат возбудливо кулинарско искуство. Се воодушевуваме и преплаќаме „џанк“, буквално и симболички, а не ја гледаме вредноста што ни е на дофат. Но, не се работи само за тоа какви брендови преферираме, тоа е само последица на неможноста да се одредат вредностите.

 

Питер Сунде

 

Една од причините за оваа конфузија е тоа што не го искусуваме директно светот. Најчесто одиме на летување или зимување со децении во истите места. Дури ни тогаш не го напуштаме комфорот на туристичките сместувања и гратчиња кои ретко имаат автентични приказни за раскажување и често наликуваат многу едни на други. Ја одбираме предвидливоста на познатото пред истражувањето и новото. Ова прави да не можеме да изградиме валиден и референтен систем на вредности. Не сме го доживеале вистински инаквото, па не знаеме објективно да го вреднуваме. А со тоа не можеме да го вреднуваме реално ниту своето. Немаме како да споредиме, па живееме во претпоставки, предрасуди и прераскажувања.

Друга причина е што со леснотија ги имплементираме западните технологии и пракси но, забораваме заедно со нив да „увеземе“ професионалност, ажурност, посветеност на корисникот и љубезност.

Некако успеваме да го споиме најлошото од двата света. Ниту на исток, ниту на запад – остануваме ментално заглавени во расчекорот. Пица-бурек е синонимот кој одлично го отсликува доминатниот ментален склоп во Македонија. Не личи на пица, не е ниту бурек. Сепак, оваа сомнителна комбинација некако со децении проаѓа без никаков проблем.

За среќа, многу лесно можеме многу повеќе. Всушност, веќе постојат бројни позитивни приказни на локални поединци, но и фирми чиј успех се должел токму на уникатноста на нивните производи и услуги. Така, имаме дизајнери кои квалитетното македонско ореово и црешово дрво го трансформираат во уникатни парчиња мебел што си наоѓа дом ширум светот, како Monozero. Имаме производители кои органски одгледуваат локален памук и од него произведуваат маици што ги носат врвни светски репрезентации и спортисти како EAM. Имаме креативци кои традиционалните македонски носии ги комбинираат со современ дизајн, а своите производи ги продаваат и надвор од македонските граници како Нела Тодоровска. Успешни примери има многу, а заедничко им е тоа што ги искористиле локалните квалитети, ги надградиле со модерни светски стандарди и добиле автентични, а конкурентни производи и услуги.

Нашата географска локација нѐ позиционира на крстопат меѓу „исток“ и „запад“, нудејќи ни можност да го искористиме најдоброто од двата света. Нашата долга традиција на уметности и култура ни дава раскошна архива од која може да црпиме инспирација и да ја надградуваме со модерното. Предусловите се тука.

Кога би им додале малку живот преку креативност, наместо пасивно да пропаѓаат, може да станат автентичен производ. Доволно е само прво убаво да погледнеме околу себе и да ја увидиме вредноста. А потоа да имаме доволно креативност вредноста да ја трансформираме во производ или услуга. И на крај, самодоверба да ја понудиме на светот (технологијата е тука да ги отвори границите). Навистина, многу лесно можеме да добиеме уникатен и лукративен производ. Сигурно многу подобар од пица-бурек.

 

Comments

comments