Фотографии: Александра Костадиновска

 

Да не ги мислите, Team Urban Scouts, македонскиот претставник на Red Bull #canyoumakeit18 здрави и живи се вратија во татковината.

После 2471 километри поминати, 173 Red Bull лименки разменети и вкупно 4 држави, Team Urban Scouts пристигнаа во Скопје со освоено 31 место во конкуренција од 201 тим.

Според зборовите на Стефан, Иван и Матеј (Team Urban Scouts), ова била најдобрата недела во нивните животи. Најлесно поминале во Хамбург и Линкопинг, Иван се возел во Ламборгини, фини дечки од Хамбург им купиле билети за автобус, им се скршил тротинетот уште на самиот старт и кога би имале уште една шанса, би се пријавиле повторно на #redbullcanyoumakeit предизвикот.

 

 

Добредојдовте назад во Скопје. Накратко кажете ни – како си поминавте, која е вашата главна импресија и кога би имале шанса дали би се пријавиле повторно на #redbullcanyoumakeit?

Фала за честитките. Мислам дека сите тројца ќе се согласиме дека можеби ја имавме најдобрата недела од нашите животи. Се разбира дека е напорно да си седум дена без никаков план за храна, сместување и како ќе се патува, но со нашата голема желба за авантура и снаодливоста која што ја прикажувавме секој ден, успеавме да стигнеме до крајната цел – Амстердам.

Без разлика на тоа колку беше напорно имавме и многу убави и интересни моменти низ целото патување и мислам дека дефинитивно кога би имале уште една шанса – повторно би се пријавиле.

 

Кое место од тие што ги посетивте ви остави најмногу впечаток?

Најголем впечаток ни оставија Хамбург, поради прејакиот ден што го имавме таму, и Линкопинг, бидејќи претставува идеален град за студенти. Исто така, велосипедската инфраструктура во сите држави кои ги поминавме беше феноменално организирана.

 

 

Како се спремавте за предизвикот? Кои се трите основни работи што треба да ги направи секој Red Bull натпреварувач, пред да започне со патувачката авантура?

Па во принцип нема и толку многу припреми за патување за кое не знаеш што те очекува. Пред сè, се фокусиравме на прегледување на неколку видеа од слични такви предизвици, како и видеа од претходните два натпревари на Red Bull во 2014 и 2016 година. Исто така, имавме неколку консултации со тим Борово, македонскиот претставник на #redbullcanyoumakeit16. Иронично е што трите основни карактеристики што секој натпреварувач треба да ги поседува се токму карактеристиките со кои ние се презентиравме во нашето видео. Тоа е да се биде паметен, снаодлив и да се превземаат ризици.

 

Кои ви беа најголемите пречки на кои наидовте низ патувањето и како се справивте со нив? Како ви „одеше“ размената на лименки за услуга? Во која држава најлесно поминавте, а во која најтешко?

Дефинитивно двете најголеми пречки, што за момент ни го попречија ова наше патување, беа два дефекта. Едниот беше што ранецот на Стефан се скина буквално две минути по самиот почеток на настанот, а другиот што еден од тротинетите ни се скрши. Иако салотејп заврши работа за ранецот, не можам да го кажам истото и за тротинетот кој делумно самите го поправивме во работилница во Данска, во замена на два Ред Була.

Иако во поголемиот дел од времето бевме одбиени, секогаш се наоѓаа луѓе спремни и желни да помогнат, па макар и на нивна сметка, без разлика дали се работи за мали сендвичиња или пак карти за воз/автобус. Со сигурност можеме да кажеме дека најлесно поминавме во Шведска, каде повеќето од луѓето беа дарежливи и спремни да помогнат, а најтешко поминавме во северниот дел на Данска, каде што бевме заглавени на едно помало место повеќе од 12 часа.

 

 

Како функциониравте тимски? Дали имавте некои непредвидливи проблеми и несогласувања?

Целиот настан е базиран да се стигне исклучиво со тимска работа до Амстердам. А тимската работа кај нас беше повеќе од одлична, без разлика за што се работеше. Се разбира дека кога поминувате толку време со едни исти луѓе ќе се појават и неколку мали и банални недоразбирања, но сите тројца бевме свесни дека го мислиме само најдоброто за сите и затоа многу брзо ги решивме сите дилеми и проблеми.

 

Што научивте од ова патување? Кој совет би им го дале на идните Red Bull тимови?

Научивме и дознавме многу од ова патување. Сфативме дека светот крие многу добри и фини луѓе, кои не секогаш можеш така лесно да ги запознаеш. Пред сè, оваа авантура тимски нè извади од комфорт-зоната во која опстојувавме, бидејќи сите тие седум дена константно бевме во движење и комуникација со тимовите со кои се натпреварувавме и со рандом луѓе од кои баравме помош.

Најголемиот совет што можеме да им го дадеме на идните натпреварувачи е да ја разгледаат секоја можност во секој момент, да направат сè што е можно за да се снајдат и да немаат никаков срам. Само на овој начин на крајот од целиот настан ќе можат слободно да кажат дека не се каат за ништо.

 

Comments

comments