Многу луѓе се занимаваат со музика деновиве.

Пишуваат песни, составуваат композиции на своите компјутери, склапаат аранжмани во осаменоста на своите соби или во друштво на „професионалци” по некои прескапо платени студија. Сè со надеж дека ќе ги посака стрелата на популарноста или дека барем ќе успеат да остават некаков траг. Опиени од минатото (неколку децении glow и гламур на музичката сцена) и од визиите за сопствената големина (ах, суета), се обидуваат да напишат зборови за своите песни со кои ќе го погодат нервот на потенцијалната публика.

Многумина и успеваат во тоа, создавајќи си простор за краткоткорочен успех, бидејќи вкусот, всушност дневно-политичките потреби на публиката, може да обезбеди доволно количество на краткотрајна слава, која вообичаено, нашите музичари ги чини глава. Така психички неподготвени, музичарите редовно завршуваат како патријархални домаќини со непријатен деј-џоб, а за нив, друштвото пред локалната маалска кооперација, со големо пиво во рака, плете легендарни стории. Да се биде голем во својата улица… Тоа е нешто!!! Нели?

Сосем нормално, доста поретки се скопските/македонски примери на долгорочна уметничка промисла. Оние локални композитори/лиричари кои успеале со својот труд да го уловат духот на времето во својата креативна мрежа. Да, токму тој улов обезбедува долговечност, без разлика на неможноста за моментална реализација пред поширока публика и отсуство на било какво инстант признание.

А Reborn пак, во својата мрежа, се обидува да ги улови токму тие луѓе и нивните песни. Оттука, со задоволство ви го претставуваме нашиот улов за месец ноември, песната „Само на еден ден“, дело на еден од најквалитетните современи македонски композитори и лиричари, Давид Ангелевски, во некои кругови познат под псевдонимот Пиколомини.

 

 

Неговиот четврти албум „Бела птица, црн бран“ (за кој веќе пишувавме овде), изобилува со богат улов на духот на времето, фатен од доволно мрачен, но силно-анти лузерски ракурс, што е резултат на слоевита промисла, така отсутна од делата на неговите тукашни современици. Всушност навистина е неблагодарно да се бира песна од овој албум, каде има барем уште 3 кои би можеле да бидат песна на месецот.

Сепак, ја избравме оваа, токму заради разоружувачката убавина со која вокалот на Пиколомини е пресечен од пратечкиот женски вокал на Соња Димитриоска (Кло). И кога ќе тргне, ти прави да мораш да седнеш и смирено да ја доживееш таа убавина.

Во име на убавината сме подготвен на сè, па дури и да простиме неколку очигледни Ристо Вртев лирички алузии, кои непријатно потсетуваат дека живееме во град кој сè уште паѓа на квази-интелектуален патос. Можеби токму борбата со духовите од минатото (и сегашноста) нè поттурна кон одвојување на оваа песна за хит на месецот.

Ајде да ја слушаме. Репетитивно!

 

Comments

comments