#RebornFoodPorn Фотографии: Елена Фиданска

 

Оваа недела за прв пат готвевме со Петар.

Кај нас најчесто, за да ги залажеш гостите, ги нудиш со брускети, смоки или слатко од смокви. Од кои трикот со слатко од смокви е можеби најоригиналниот балкански гест од сите. Идејата е да ги пречекаш гостите со слатко, за тек откако ќе го изедат целото, конечно да го послужиш ордеверот. Во тој момент, кој сè уште сака и има желба за јадење, нека повели.

Но ако си од оние кои упорно инсистираат да бидеш за доза пооригинални, тогаш дозволи ни да ти излеземе во пресрет. Ти ветуваме дека доколку го следиш рецептот на Петар за пилешки стек со пармезан и сланина, нема да потрошиш повеќе време од тоа што ќе ти биде потребно за да отидеш до визба по слатко од смокви.

 

Потребни состојки за рукола салата:

  • Голем грст дива рукола
  • Неколку шери домати
  • 1 млад кромид
  • 1/4 лимон
  • Пола лажичка сол
  • Пола лажичка бибер
  • 1 чешне лук
  • Пола лажичка сув рузмарин
  • Пола лажичка суво оригано

 

Потребни состојки за стекот со пармезан и сланина:

  • 2 пилешки стека (гради)
  • 5-6 парчиња тенко сечена сланина
  • 30 грама пармезан

 

Приготвување на рукола салата

1. Припреми го зеленчукот

Во сад за салата стави ја руколата, шери доматите (пресечени на половина), младиот кромид и половина тиквичка (исечена на ситни коцкички).

 

 

2. Прелиј ја салатата со италијански дресинг

Односно, во мала тегла измешај 3 супени лажици сок од лимон и 6 лажички маслинов зејтин. Додади сол, бибер, рузмарин, оригано и сушен кромид. Изрендај едно чешне лук, а потоа затвори ја теглата убаво и силно протреси ја за состојките убаво да се измешаат.

 

 

Салатата е спремна!

 

 

Приготвување на стекот со пармезан и сланина

1. Израмни го месото

Бидејки пилешките гради не се рамни, треба да ги отвориме и убаво да ги израмниме. Затоа, засечи го стекот на половина за да може да го отвориш, но не сосема до крај, за да не се одделат двете парчиња. Доколку сепак не е целосно рамен одозгора, удри го неколку пати со тавче, додека не се израмни.

 

На сликата, Петар го рамни стекот со рачката од ножот, но не ти го препорачуваме овој начин бидејки не е безбеден.

 

2. Нарендај пармезан

На стекот одозгора нарендај пармезан сè додека не е целосно покриен, а над изренданиот пармезанот додади малку бибер и еден ред сланина.

 

 

3. Испржи го стекот

Загреј го тавчето со малку маслиново масло и почни да го пржиш стекот. Прво, страната прекриена со сланина и пармезан треба да биде свртена надолу, а по 4-5 минути сврти го од другата страна, но внимаелно да не се растури наредената сланина. Еден совет за успешно вртење на стекот без да се растури сланината и пармезанот е да го допреш тавчето за даска за сечење и заедно да ги префртиш.

Повторно, после 4-5 минути, преврти го месото на другата страна. Овој пат нема да имаш никакви проблеми, бидејќи сланината и пармезанот сега веќе убаво се имаат залепено за стекот.

Пред да го послужиш стекот, остави го да отстои 1-2 минути на даска за сечење.

 

 

Пилешки стек со пармезан и сланина, со прилог рукола салата

 

Comments

comments