Веќе некое време мислам дека ни фали ваква секција на Reborn.

Единствената причина зошто досега не постоеше е затоа што се сомневав дека имаме доволно материјал за да ја реализираме.

И сè уште не сум сигурен дека моментално на македонската музичка сцена има бар една нова песна секој месец, која би ја нарекол „добра“. Ама ок, решив да пробаме. Решив да дадеме сè од себе и да ги препознаеме сите тие кои активно творат во овој наш свет на музика. Од друга страна верувам дека сме веќе доволно „уходани“ во нашата работа и имаме пристап до вистинските луѓе кои имаат сериозни познавања во оваа област – од луѓе кои ја пратат нашата музика со децении, како нашиот стар, добар МП (кој ентузиастички продолжува да ископува и споделува сериозно добра музика), до некои од поновите членови на Reborn, како Теодора и Веда кои имаат многу подиректен допир со музиката на поновите генерации од мене.

Како бонус, се разбира, ве имаме и вас. Ова значи дека очекуваме да нè бомбардирате со нова македонска музика, која мислите дека вреди да биде чуена. Ние ќе преслушаме и ќе споделиме.

Нашите критериуми за што е „добро“ (и заслужува да биде наречено „песна на месецот“) ќе опфатат сè што има некаква оригинална и уникатна вредност – нешто кое се познава дека било направено искрено и со љубов. Тоа значи дека нема да пратиме конкретни жанрови и ќе се обидеме да дадеме шанса на сè – од инди, до хип хоп, до метал. Сè си има своја приказна што вреди да биде раскажана (освен трапот, нели).

…JK guys, take it easy! КОГА е нареден TDFU!? Кога, a? Кога!?

Затоа, драги наши читатели, денес ја започнуваме оваа наша нова секција, со песна од еден бенд кој што нас веќе подолго време ни е интересен. Ги следиме внимателно од самиот почеток, ги дружевме во нашето студио, ги слушавме на Музеј Дебар Маало и денес, конечно, може да го споделиме нивниот нов сингл и неговиот спот режиран од Борјан Стојков, наречен „Самоглад“.

Станува збор за бендот Pluto’s Doubts (доколку ве интересира значењето на нивното име, погледнете го нашето кратко видео интервју со нив).

 

 

„Самоглад“ е првиот сингл од нивниот деби албум „SIZIF“, кој се очекува да биде издаден наскоро, но сега е одличен момент да споделам дека имавме прилика да го слушнеме и дека гордо изјавуваме – албумот е дефинитвно помеѓу најдобрите нешта што искочиле од македонската сцена периодов.

Песнава навистина заслужува да биде забележана. Слушнете и споделете.

 

Comments

comments