Превземи го премиерното издание на ПМГ Џез тука.

 

Еднаш гледав еден филм и таму кажаа дека џез музиката настанала во некој клуб во Њу Орлеанс, полн со чад, пот и ликер. Имало многу луѓе кои зборувале на шест, или можеби седум различни јазици и никако не успевале да се разберат помеѓу себе, па морале да смислат нешто како би можеле да комуницираат. Смислиле џез музика. 😉

Дете на европско-африкански родители, своите корени ги наоѓа длабоко во западно африканската музичка експресија; африканско-американската музичка традиција, вклучувајќи ги регтајм и блуз; како и европската воена музика. Џезот недвојбено се смета за една од американските оригинални арт форми, па дури и американска класична музика.

Преку волшепството на џезот, овој свет комуницира веќе можеби 150 години. Кога се свири со слобода, дрскост и респектабилен баланс, тој е совршено средство за комуникација. Век-ипол и милијарди кругови околу светот, овој беспрекорен звук е навлезен во сите празнини кои можат да поднесат сонична тежина. Фабулозен микс на култури и луѓе со ground breaking идеи, тој се враќа како едно од основните културолошки орудија на глобализацијата.

Од 1945 година па наваму, џезот игра главна улога во формирање на оригиналната македонска современа музика. Нашата поп култура и западен начин на живот се буквално породени и обезбедени од идејата и преку потребата да се вткае џезот во телото на автентичниот македонски звучен предел.

Визијата и есенцијалните активности на нашиот духовен татко – Драган Ѓаконовски Шпато; неочекуваните тонални аспекти на Илија Пејовски; револуционерната интервенција на Леб и Сол; културолошкиот-инжинеринг мастерстроук на Оливер Белопета и неговиот/нашиот Скопски Џез Фестивал; и секако новата гарда џез ентузијасти. Сето тоа и многумина неиспеани херои и настани, придонесоа да денес Македонија комуницира со светот на тукуречи рамноправно културно ниво.

Да, мали сме, да малку сме назадени по многу параметри, но музиката отсекогаш била една од нашите најсилни, ако не и најсилната карактеристика. Згора на ова, ќе го нафрлам и неверојатниот ентузијазам со кој располагаат македонските музичари и културни дејци (културолошки инжинери), за да добиеме вистинска слика за потенцијалот, но и љубовта со која се приоѓа кон музиката на нашиве простори.

На страна објективните, па и субјективни слабости, нашите талентирани и вредни луѓе од музиката, неретко и сосем оправдано знаеле да заземат арогантна позиција во однос на регионалната, но и светската конкуренција. Таков став, базиран на виртуозно знаење и беспрекорно внатрешно чувство, е единствениот начин со кој би можеле да се втурнеме во автентичен придонес кон светското музичко и културно богатство.

 

 

ПМГ Џез е дискографска куќа која има сериозна намера да продолжи да гради токму на овие основи. Да биде дел од една веќе мошне богата, уметнички самоодржлива и по многу нешта посебна џез традиција. Нашата џез традиција. Нашиот залог за културен и општествен напредок. Нашиот оригинален јазик за комуникација со светското семејство. Нашиот придонес кон најсветлите традиции за глобално обединување.

Премиерното издание на новата дискографска куќа е на прв поглед неочекувано, но сосем логично и бравурозно комбо помеѓу две од нашите моментално најголеми сили на џез сцената.

Sethstat е повеќедецениски сентинел/стражар на локалната џез сцена, додека Fighting Windmills се на крилјата на младешката креативност, ентузијазам и она што нашите англо-саксонски браќа би го нарекле day to day hard work.

IN C е дело настанато во средината на 60тите, а композиторот Terry Riley сосем отворено и во најфин креативен дух, го понудил на светските музичари да го обликуваат според сопствените согледувања. Изборот на ова дело е амбициозен, а начинот на кој го изведуваат ми се виде уште поамбициозен, тукуречи симфониски. Ова зборува за импозантниот, но длабоко искрен напор, со кој овие наши музичари се втурнуваат во идејата да вбризгаат свеж живот во македонското џез ткиво. Токму овие луѓе се и креативното јадро на ПМГ Џез.

Познавајќи ја историјата и учинокот на лејблот-мајка-ПМГ Рекордингс, ќе се осмелам да кажам дека оваа ПМГ Џез афера има супер шанса да се развие во сосем успешна приказна. Супер шанса, но и колосална одговорност пред себе, публиката и секако македонската музичка и култура воопшто. Одиме напред дами и господо. Одиме напред.

 

Comments

comments