Бенд: PMG Kolektiv // ПМГ Колектив
Град: Скопје
Албум: До Небото Замок, 8ми по ред
Година на издавање: 2019, PMG Recordings 166 (винил и дигитал даунлоуд)
Персонал: Мирко Попов, Синиша Евтимов + Александар Гавровски
Дизајн на омот: Виолета Качакова и М.П.
Фотографија на омот: Жарко Трајаноски
останати учесници: Дарко Јорданов, Димитар Блажевски, Нинослав Спировски, Артур Попов Кујача, Rex Ilusiivi
Забелешка: се работи за уште еден ПМГ повик за танц, можеби малку со себе танц, но Сепак танц: тоа е она што не издвојува од глупата гужва.

 

 

Ајде Мали

е мотивациона песна. Сите ПМГ песни се мотивациони. Не веруваме во малодушност, немаме намера да се предадеме. Секој секунд планираме да го искористиме во правец на општествена конструктивност и што е можно поголема персонална среќа. И еуфоричен танц!Да, тоа е пораката.

 

 

ме вика Мирко

На овој албум, пред се продукциски, си дозволивме да отидеме на места каде што досега не сме биле. Токму подготвеноста за таква авантура, ни возврати десетктарно и добивме фантастична сонична средина за нашите приватни приказни, кои отсекогаш биле сирови, но силно мелодични афери. Оваа песна е нежен, тукуречи џезиран приказ на фанатичната борба за оние екстра 5 минути пред зграда. Или вон гроб.

 

 

Европа

Како и целиот албум, Европа е јавна, па и отворена дискусија за приватноста, најблиските, семејните и општествените вредности. Процес на трансформација и созревање околу најтешките факти понудени од животот, преточени во пост-индустриал техно и трап. Возможно? Само послушајте!

 

 

Bella

Од сонграјтерски, но и аранжерски аспект, ова е една од најзначајните композиции за бендот во последниве години. Многу долго време работевме на неа и неколку пати го допревме дното, додека стигнавме до оваа верзија, од која сме особено задоволни, на моменти и пресреќни. Бела е новото официјално лице за архаичните просеравања за девојки покрај Вардар, или во било која просечна македонска патријархална зандана.

 

 

Жена Парк

ПМГ Колектив е оригинален скопски бенд, и тоа со сите нишани. Влегува и излегува од мода во градов уште од 2003та година, кога се појави првата песна на групата, композицијата Скопјанка. Значи уште од првиот здив, бендот е позитивно опседнат со жената, женственоста, женскоста… интеракцијата помеѓу “половите” и како сето тоа влијае врз нашите животи. Таа опсесија, силно продлабочена, продолжува и на новиот албум. Жена парк е ода на созревањето, прифаќањето на љубовта, не како земање, туку како давање.

 

 

Брзина на Свест

Брзината на свест е есенцијална за процесот на работа во ПМГ Колектив. Токму ради таа специфична брзина, овој бенд, ова пријателство, оваа формација, наречи ја коалиција и постои. Замислете два-тројца верни другари, приватно на естетски тест. Е тоа.

 

 

Градска Плажа

е успешен обид за обвиткување себеси со магнетно поле од современост, колку да не те фати клетва – носталгија, пу пу пу #контрамагија оп! Бендот продава лажно суеверие и трогателен колективен, но и приватен градски историјат, преку неочекуван спој на модерно техно и итало диско. Бонус: еден од најдобрите текстови наоколу.

 

 

До Небото Замок

не води на пат по скали до небото, ете барем до Сатурн (онаа планетата со прстени), каде што сме договорени да се сретнеме со нашите татковци. Скалите можеби малку нежни, но ритамот војнички строг. Повторно разговор со духови, поточно со самите себе и отворен омаж на Dead Can Dance, едно од најочигледните влијанија и инспирации на ПМГ Колектив.

 

 

Comments

comments