Зборот/фразата НЕЗАВИСНА СЦЕНА е на добар пат да ја доживее судбината на зборот/фразата УРБАН.

Клета, сурова и крајно нефер судбина, предизвикана од прекумерната, неселективна и непромислена масовна употреба, која одамна ја надмина границата на дегутантното и се трансформираше во вистинско силување. Поимите урбан, независен (независна сцена) во себе носат субстанцијален габарит, кој има неверојатна смисловна моќ да направи моментална дистинкција помеѓу вкус и невкус, квалитет и фејк, cool и uncool.

По комплетната узурпација и деструкција на зборот урбано, се чини дека Тимот Опортунист се нафрли на зборот независно. Несомнено, огромен е апелот и речиси совршена е резонанцата да се биде НЕЗАВИСНА СЦЕНА; па освен автентичните артисти и активисти кои со своите дела и ставови ја создаваат, сведочиме како разни групи не/полу/талентирани опортунисти се китат со оваа популарна фраза, во баналната борба за фондови, или пак понекоја фотељичка овде-онде.

Злоупотребата на зборот најверојатно ќе доведе до потполно губење на неговото значење, за на крај да биде фрлен во ѓубре ко исцедена паста за заби. Значи, секојдневната борба на АВТЕНТИЧНАТА НЕЗАВИСНА СЦЕНА за квалитетна култура и против смрдливиот естаблишмент, сега е проширена и на обидот за дератизација во „сопствените” редови.

Една од редовните годишни појавни форми на македонската независна сцена е ПМГ Рекордингс Фестивалот.

Овој фестивал има тенденција, во најблескаво можно светло, да ги претстави македонските артисти кои имаат изданија во тековната година. Тоа не се артисти кои добиваат субвенции ниту спонзорства, не се вртат на комерцијалните радио-телевизии, но затоа се неверојатно талентирани и со сопствени сили и средства, ги реализираат најквалитетните музички дела во современа Македонија. Тоа се луѓето кои го сочинуваат саундтракот на нашето време/трајно вредното културно наследство, а од владините/невладините „културни” институции се игнорирани, или го имаат добро познатиот „леле немаме буџет” третман. Но токму високата свест и потребата да се создава автентична култура ги двои од не/владиниот примитивизам и ги става на пиедестал на вистински ѕвезди на нашето нервозно време. И самиот фестивал ја дели судбината на артистите: нефундиран, игнориран и потценет, тој страда од големи амплитуди во реализацијата и успехот кој го постигнува. Но да се биде независен подразбира да се плати и одредена цена и тоа од свој џеб, нели?

 

 

Овогодишното, 7мо издание на ПМГ Рекордингс Фестивал ќе се одржи во петок, на 7 јули, со почеток во 23:50 часот во летниот клуб Сектор 909. Секоја година фестивалот има адекватен поднаслов, а оваа година тоа е „Дигитален Танц до Зората”, кој фантастично кореспондира со локалот каде се одржува.

Сектор 909 го има најдобриот sound system во земјата, па македонската независна музичка продукција ќе грми силно и кристално чисто, како никогаш до сега. Публиката, од чија духовна и финансиска партиципација зависи опстанокот на независната сцена, обично го наградува фестивалот со масовно присуство, а оваа година ќе може да ги проследи:

 

Galatheia

Неодамна го издаде својот ground breaking деби албум Metropol (пишувавме тука за него), кој полека се извишува како светилник на автентичниот и современ женски израз на домашната сцена. Квалитет кој недостасуваше и инспирација за сите нас кои веруваме во напредок и подобар свет.

 

 

 

Vidinovski

Автентичен скопски техно продукт од третата генерација. Редовно продуцира електронска музика и издава плочи на сопствениот и секако други реномирани светски лејблови. Неодамна и со завиден успех, издаде албум (и за него пишувавме), кој го етаблираше во еден од најценетите и во рамките на сцената – признаени домашни автори.

 

 

Robotek

Жива легенда на македонската електронска сцена. Еден од првите кои и дадоа лик и облик, човек кој од 1999-та креира и издава сопствена музика и е сеприсутен со своите атрактивни ДЏ сетови по скопските, македонските, но и клубовите вон земјата. Недостижен и незаменлив карактер, кој ќе влезе во книгите кои ќе се обидат да го доловат духот на нашево време.

 

 

 

Нино Наумов

Со речиси дводецениско искуство, тој е еден од најстабилните и најпочитувани диск џокеи на локалната сцена. Последниве неколку години, долж очигледното подигање на квалитетот на неговата работа, тој е еден од најбукираните диџеи по скопските клубови. Степенот на доверба помеѓу него и неговата публика е на највисоко ниво во неговата кариера.

 

 

Мирко Попов

Вечерта, со свој ДЏ сет, традиционално ќе ја затвори стариот добар Мирко Попов. Наместо кратка биографија или не-дај-боже епитети, тој од шарените страници на култивизираниот Reborn ќе ви го порача следното:

Посетете не на ПМГ Рекордингс Фестивал 7. Публиката е главниот субјект со кој независните уметници сакаат да комуницираат и дискутираат. Публиката со своето присуство и реакции е главниот арбитар, но и инспиратор за луѓето кои ќе ја претстават својата музика на овој фестивал, но и на неброените настани каде овие артисти се борат за опстанок. Дојдете и покажете ја вашата љубов и поддршка, а ние гарантираме дигитален танц до зората.

 

Comments

comments