Една од водечките личности на контра-културното движење од 60тите години од минатиот век и еден од најголемите умови на нашата цивилизација воопшто, доктор Timothy Leary, многу често истакнуваше дека главниот антагонизам во општеството е помеѓу младите и старите.

Младост и старост, но не предодредена сирово од возраста на луѓето, туку од начинот на кој ги перцепираат нештата и како делуваат во реалноста. Младите се секогаш за напредок, авантура и/или промена. Старите се разбира, со задоволство би останле во комфорната зона на сопствената конзерва.

Луѓето кои во 90тите ја сонуваа, а во 1998 ја создадоа дискографската куќа PMG Recordings денес се возрасни, па што да не и зрели луѓе. Забележливо потивки од порано и со доста поредовен сон и поорганизирана исхрана од било кога. Ако ги судите според надворешниот изглед, тоа се оние истите чукнати деца во чудни облеки, кои се мотаат околу некои музички студија, или висат по концерти и клубови.

Искуството поднацртало забележливи бразди по нивните симпатични лица, но на нив претежнува ведрина, како директен резултат на сознанието дека завршиле добра работа во животот. 160 изданија на главниот лејбл, неколку суб лејблови со додатни изданија, концерти, фестивали, театар, филмови, радио драми. Буквално се што може душа да ти посака на скопските улици, од музички револуции до нарко-еуфории.

 

 

Активното присуство, јасно забележливата надградба од нивниот културолошки инженеринг врз социолошкото ткиво на ова благо заостанато општество и јасната амбиција за продолжување на приказната, упатуваат дека екипата ја живее својата четврта, ОК веројатно петта младост.

Начинот на кој овие симпатични чичковци шутираат конзерва, дава надеж дека нема да биде тоа и нивната последна младост. Редовните инфузии од нова музика, идеи и луѓе, гарантираат постојана реинвенција. Се работи за едно од најдосадните, но во исто време најкорисни присуства на скопските улици.

Но доста урбано мамбо-џамбо, да прејдеме на главното. Ако ПМГ Рекордингс е формирана во 1998, тогаш оваа година слави 20 години работа. Да, РАБОТА.

Импозантен јубилеј за македонска независна културна институција, вреден за прослава со доза на еуфорија. А прославата баш згодна. Фестивал на 3 подиуми за танц, 14 екстраординарни артисти/бендови, бесплатен влез и социјалната инфраструктура на МКЦ Скопје, во рамките на лудата Бела Ноќ. Би биле комплетно будали да го пропуштите Terry Francis, де факто најуспешниот гостински диск џокеј, кој 20 години редовно се враќа во Скопје да направи луда журка. Особено е возбудливо присуството на еден од најсвежите и модерни регионални бендови, Svemirko од Загреб, Хрватска. „Не сум твој тип” е без дискусија хитот на годината кај нас, а Duper за прв пат на овој фестивал ќе излезат во живо, што му доаѓа како историски настан. Стариот пријател диџеј Lale Happy People, нашиот белградски дом, ќе ги загрее срцата на постарите клабери. Младинската организација при ПМГ ќе истрча во состав: мистериозната Galatheia и фанатастичните The Local Blue. PMG Kolektiv, Robotek, Nino Naumov, Violeta Kachakova, Dushko Janevski и Boxitron се добро познати имиња и артисти кои резонираат директно од јадрото на ПМГ Рекординигс сите овие години. Повеќе од солиден пакет за вашите фини ушни школки и софистицирани духовни потреби.

Значи, во сабота на 6 октомври во 20:00 часот пред МКЦ се случува ПМГ Рекордингс Фестивал 8

>>

Искачам у град, за да бидам млад.
Искачаш у град, за да бидеш млад.
Со тебе искачам у град, за да изгледам млад.
Со мене искачаш у град, за да останеш млад.
Остани млад.
Ова е приказна за вашата и наша #СоничнаМладост

Ајде мои дами и господо, заедно сме у ова 🙂

 

Comments

comments