Иако планираме уште многу вакви конкурси, на првите победници особено им се радуваме.

Во јуни ги објавивме првите конкурси, а од нив после еден месец, со помош на комисијата составена од 18 члена од различни земји и производителите кои ги спонзорираа конкурсите, одредивме по еден победник.

Минатата недела нашите нови пријатели конечно ни се придружија во нашето Отоврено дизајн студио, каде заедно ќе работиме на развивање на нивните дизајни во реални производи. Ја искористивме оваа прилика да ги прашаме неколку прашања околу нивното искуство и љубов кон дизајнот, дизајните со кои аплираа, и се разбира – околу тоа што очекуваат од нашата идна соработка и заеднички развој на нивните идеи во реален производ пласиран на пазарот.

 

Катерина Трпковска

Победничка на конкурсот за дизајн на ламба

 

Дали покрај дизајн се занимаваш со нешто друго? Кога почна да се занимаваш со дизајн и како дојде до тоа?

Студирав на Европскиот Универзитет во Скопје, на факултетот за Арт и Дизајн, отсек, дизајн на ентериери. Пред да се запишам на факултет немав никаков допир и познавања од областа на дизајнот. Факултетот ми помогна да сфатам која сум, што сакам и што треба да правам. До ден денес сум посветена само на дизајн, а како поминува времето се случуваат одредени трансформации од типот во кој сегмент од истиот сакам да дејствувам. Моментално продукт-дизајн е полето во кое сакам да се усовршам, да научам и да пробам да создадам нешто револуционерно.

 

Кажи ни нешто повеќе за твојот дизајн со кој аплицираше. Што се обиде да постигнеш при дизајнирањето на вакво парче мебел? Што те инспирираше за конкретно овој дизајн?

Идејата се појави многу брзо, ми се допадна и одлучив да аплицирам. Знаев дека е добар концепт бидејќи во него има одредена иновација. Мојот дизајн е подна ламба со насочено светло која може да се претвори во ѕидна ламба и истата со ротирачки механизми да шета низ просторот, односно да ја поставиш каде повеќе ти одговара. Секако, преминот на концептот во краен производ, ќе има одредени измени со кои би се усовршиле дизајнот и функцијата.

Најголемо влијание во инспирацијата е денешниот динамичен начин на живот и потребата нештата околу нас да се менуваат и адаптираат. Оваа концепт ламба е токму тоа. Може да се поставува на различни позиции во просторот и на различни начини да се игра со неа.

 

 

Како го замислуваш нашето Отворено дизајн студио и што очекуваш од нашето заедничко развивање на твојот дизајн?

Веќе имав прилика да се запознаам со дел од тимот со кој ќе соработуваме и морам да признаам дека сум позитивно изненадена од тоа што го видов. Очекувам многу убави нешта да излезат од „House of 1000 designers“. Верувам дека платформата ќе придонесе кон развојот на дизајнерите и општо во индустријата за мебел во регионов.

 

Што најмногу би сакала да научиш и кои вештини со наша помош да ги развиеш во наредниот период?

За себе, како поединец, ќе кажам дека по овој проект начинот на размислување ќе ми биде сосема различен и се надевам дека успешно ќе ги совладам менаџерските способности и пристапот кон процесот на создавање производ кој припаѓа во групата индустриски дизајн, како и дека ќе се стекнам со нови знаења од областа на лансирање на производ за масовно производство.

 

 

 

Соња Јанковиќ

Победничка на конкурсот за дизајн на софа

 

Дали покрај дизајн се занимаваш со нешто друго? Кога почна да се занимаваш со дизајн и како дојде до тоа?

Дипломирав на факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Моментално сум вработена и работам како дизајнер на мебел. Желбата за дизајн ми се роди на самиот почеток на студиите. После запишувањето, некако природно ми се интензивираше желбата за дизајнирање на парчиња мебел. Најдобриот аспект од работењето на парчиња мебел е чувството кога едвај чекаш да си дојдеш дома и да седнеш на удобното столче или софа и да сфатиш дека си направил одлична работа како дизајнер.

 

Кажи ни нешто повеќе за твојот дизајн со кој аплицираше. Што се обиде да постигнеш при дизајнирањето на вакво парче мебел? Што те инспирираше за конкретно овој дизајн?

Мојата идеја беше да направам продукт кој ќе биде модуларен, функционален, модерен и наменет за луѓе на кои секој метар квадратен од просторот им е битен. Тоа всушност и ми беше главната инспирација. Концептот се состои од два дела, кои се модуларни т.е. можеш да ги играш, да ги составуваш по желба, да си дозволиш да изгледа како обична софа, канабе, или пак со нивно спојување да добиеш аголна гарнитура како и легло за спиење.

 

 

Како го замислуваш нашето Отворено дизајн студио и што очекуваш од нашето заедничко развивање на твојот дизајн?

Вашето отворено дизајн студио го замислувам како место каде што секој може без разлика дали е дизајнер или не, доколку има своја замисла, идеја, сопствена креација, да ја претстави, да го изработи и реализира својот продукт.

 

Што најмногу би сакала да научиш и кои вештини со наша помош да ги развиеш во наредниот период?

Очекувам и се надевам дека со ваша помош ќе го реализирам својот дизајн, ќе се стекнам со вештини со кои од цртеж ќе преминам во реална изработка на целиот продукт.

 

 

 

Антонио Станковиќ

Победник на конкурсот за дизајн на стол

 

Дали покрај дизајн се занимаваш со нешто друго? Кога почна да се занимаваш со дизајн и како дојде до тоа?

Пораснав во фамилија каде што уметноста (цртањето) беа секојдневие, па така уште од рана возраст започнав најпрвин со цртање графити и портрети, но сепак цртав сè и сешто. Таа желба за цртање го диктираше моето образование, па се запишав во средното училиште „Георги Димитров” на отсек – техничар за мебел и ентериер. Сè започна од таму.

За прв пат ми се појави желбата за цртање нешто поинакво, за нешто што дотогаш не сум го правел, а тоа е дизајнот на мебел. По завршувањето на средното образование, продолжив на Факултетот за дизајн на мебел и ентериер. Како апсолвент започнав со изучување на програми за 3D моделирање и рендерирање, па така, во последно време главна окупација ми се дизајнирањето и 3D моделирањето.

 

Кажи ни нешто повеќе за твојот дизајн со кој аплицираше. Што се обиде да постигнеш при дизајнирањето на вакво парче мебел? Што те инспирираше за конкретно овој дизајн?

На секој дизајнер предизвик му е да направи столче кое ќе има уникатен дизајн и кое пред сè – ќе биде удобно. Јас мислам дека со мојот дизајн успеав, барем во оваа фаза визуелно да го доловам тој уникатен изглед и удобност со комбинација на материјали како што се: дрвото, металот и штофот. За овој дизајн немав особена инспирација, футуризмот како правец во уметноста ми е константна инпирација за сите концепт-дизајни.

 

 

Како го замислуваш нашето Отворено дизајн студио и што очекуваш од нашето заедничко развивање на твојот дизајн?

Отвореното дизајн студио го замислувам како платформа расположена да го поддржи секој креативец кој сака својата идеја да ја прикаже пред светот, место каде што може со помош на искусен тим да се разгледаат и решат проблемите во врска со одредена идеја, место каде што може да се научат многу нови работи.

 

Што најмногу би сакал да научиш и кои вештини со наша помош да ги развиеш во наредниот период?

Конкретно, би сакал да се усовршам во делот на производството, создавањето на вистински употреблив производ. Моите очекувања се дека ќе имаме прекрасна соработка и сите на некој начин ќе се здобиеме со нови искуства и знаења кои на крајот ќе резултираат со добар производ пласиран на пазарот.

 

 

 

Деа Беатовиќ

Победничка на конкурсот за дизајн на работна станица

 

Дали покрај дизајн се занимаваш со нешто друго? Кога почна да се занимаваш со дизајн и како дојде до тоа?

Само што го завршив осмиот семестар на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер – насока дизајн на мебел и ентериер, а моментално работам на дипломскиот труд. Во детството започнав со дизајн на накит, а за сегашната професија се одлучив поради спојот на наука и уметност и вечниот предизвик, балансот на функција и форма.

Започнав да се интересирам за дизајн затоа што го гледам како обид за внесување ред во хаосот, решавање одредени проблеми на луѓето и поради влијанието на добриот дизајн во средината во која се користи.

 

Кажи ни нешто повеќе за твојот дизајн со кој аплицираше. Што се обиде да постигнеш при дизајнирањето на вакво парче мебел? Што те инспирираше за конкретно овој дизајн?

Пред да аплицирам истражував какви слични производи веќе постојат, односно модели на работна станица со променлива висина. Најдостапни се електричните ногарки и се одлично решение, но јас лично сум фасцинирана од системи и механизми кои функционираат без струја и батерии, па тоа го поставив како цел при процесот на дизајнирање. Естетиката беше директна инспирација од индустрискиот стил.

 

 

Како го замислуваш нашето Отворено дизајн студио и што очекуваш од нашето заедничко развивање на твојот дизајн?

Процесот на дизајнирање е секогаш исполнет со многу грешки и обиди пред конечно да се добие финалната верзија. Отвореното студио за мене е креативна средина во која ќе добијам конструктивна критика од луѓе кои се експерти во областа на дизајнот.

 

Што најмногу би сакала да научиш и кои вештини со наша помош да ги развиеш во наредниот период?

Очекувам да научам не само за дизајн, туку и за целиот микрокосмос на фактори и процеси околу неговото реализирање.

 

Comments

comments