Фотографии: Александра Костадиновска

 

Sonny и Cher, Justin и Britney, Дарко и Маја Панчеви… Дали можеби следниот славен пар на оваа листа ќе бидат Виктор и Моника, креативното дуо познато како Pocket Gallery?

Додека разменувавме прашања со Моника и Виктор, паралелно заедно работевме на мали глинени планини кои ќе ни служат како држачи за прстени.

Но пред да отидеш да го погледнеш Reкспериментот, фокусирано прочитај го следново интервју.

 

 

Мони и Виктор, раскажете ни за тоа кога и како започна приказната на Pocket Gallery?

Приказната на Pocket Gallery официјално започна при крајот на ноември 2015 година, кога решивме да отвориме страна на социјалните мрежи и да почнеме да го промовираме тоа што дотогаш сме го чувале само за нас и за нашите пријатели.

Немавме конкретна идеја или план кон што може да се развие сето тоа, па како за почеток имавме само мали илустрации на минијатурни платна, од каде што ја добивме и идејата за името „Pocket Gallery“.

 

Што сѐ изработувате моментално?

Сега веќе нашата палета на изработки е многу побогата од тоа што беше на почетокот. Како што рековме погоре, почнавме со мали илустрации, а сега цртаме и на мали парчиња дрво што може да послужат и како магнети или подметачи за чаши (што се многу голем хит).

При крајот на минатата година почнавме со изработката на накит, иако тоа не е типичен накит, гледаме секогаш да е нешто ситно, минимално, едноставно, но со интересни дизајни, така што самата површина на накитот ја доживуваме како уште еден вид на минијатурно платно. Од пред извесен период изработуваме и честитки, а тука се и одредени предмети изработени според нечија желба и според наш дух што ни биле интересни за да се обидеме да ги реализираме.

 

 

Со какви материјали работите?

Нашиот фаворит се дрвото и глината (онаа глина што се формира, па се пече), како површини што најмногу одговараат на нашите идеи. Користиме и хартија, глина што природно се суши, фолии, епоксидна смола итн.

 

Имате работилница или омилено место на кое се чувствувате најинспирирани за работа?

Во последно време најинспирирани за работа сме кога не сме во нашите домови. Идеите доаѓаат од нешто или некој што ќе го видиме околу нас, некој инспиративен простор што замислуваме дека е наша работилница, од некоја изложба, од различни места и луѓе.

Сега за сега нашите две соби се наши работилници, ги приспособуваме за секоја креативна работа што ја правиме во текот на денот.

 

 

Мони и Виктор ги знаеме и како еден од најсимпатичните парови во Скопје. Колку вашата блискост се одразува на вашите дела?

Нашите изработки се резултат на блискоста помеѓу нас. Постојаното согледување на разликите, сличностите меѓу двајцата, желбата и потребата да се надополнуваме, инспирираме и учиме еден од друг се забележува во сето она што го изработуваме заеднички. Pocket Gallery е видлив пример за тоа што се добива кога се мешаат љубовта кон уметноста и љубовта на еден кон друг.

 

Comments

comments