Кој сум „јас”, а кој си „ти”? Кој сум „јас” без „ти”? Дали можам да гравитирам во простор и време само „јас”, како „јас” без „ти”?

Знам дека конкретен и точен одговор на овие прашања и мини дилеми е скоро-па-невозможно да се открие, но една девојка, преку нејзиниот бренд ќе проба со претставување на „мои“ и „твои“ однесувања, навики и мисли, да ти ја презентира токму разликата помеѓу „јас“ и „ти“.

Се работи за првиот настан за оваа година на студиото PrivatePrint, кој е дел од програмата PrivatePrint meets. Станува збор за изложбата наречена „Polarities” на архитектката Бисера Крцковска. Бисера стои зад проектот наречен Monochrome Modern и е автор на неколку текстови во Reborn, во секцијата за арт и дизајн.

Оваа изложба е од продажен карактер, а ќе имаш можност да ја погледнеш на нејзиното отварање, кое ќе се случи на ден 23 февруари со почеток од 19.00 часот и ќе биде изложена сè до 28 февруари.

 

 

За оваа изложба авторката, Бисера Крцковска, изјавува:

Личноста постои само кога има интеракција меѓу една и друга личност. Не постои „јас“ без „другиот“. Исто како што темнината е дефинирана како спротивна на светлината, така и „јас“ е дефинирано и издвоено од она што е „не-јас“. Вистински самостојното „јас“ е илузија, затоа што ако јас сум сам, тогаш не би имал концепт за „јас“. Знам дека имам посебно „јас“ затоа што постојат други (луѓе и нешта), кои не се „јас“. „Јас“ е спротивно од „ти“.

Идејата на овој проект е да ја разгледа разликата помеѓу „јас“ и „ти“ преку претставување на „мои“ и „твои“ однесувања, навики и мисли. „Твоите“ и „моите“ спротивни делови од себе не се одвоени едни од други како взаемно исклучувачки контрадикторности, туку се доживуваат како единство од спротивности.

Изложбата се состои од шеснаесет диптиси и шеснаесет пара замислени спротивности, кои се меѓусебно споени преку примена на приципите на двојност и единство, истовремено.

 

Comments

comments