Фотографии: Елена Фиданска

 

Не можам да се пофалам дека знам било што за pole dance fitness.

Ама ја знам Анастасија, и уште неколку девојки што заедно со неа се одлучија здравиот живот да не си го потпрат на веќе добро познатите јога или пилатес, туку на нешто за нијанса позабавно. За нешто што до пред некое време, а можеби и сè уште, е етикетирано како табу.  

Пред неколку години се појави кај нас, за pole dance fitness зборувам. А ако почнам да бројам, и повеќе од неколку. И што знам јас денес за „спортот на невозможните и неверојатни движења”? Освен дека и покрај тоа што се доживувам за физички спремна личност, доколку се обидам да изведам било кое од движењата на Анастасија, најверојатно ќе завршам неспособен да седам на стол следните 2 месеци.

Не си ја мачи главата да ти текне, девојката на сликите ти е позната од рекламата на Скопско Smooth. Пролистај го нашиот разговор со неа, и пофали се дека научи пар работи за спортот што кога ќе го помислиш, во глава почнува да ти свири песната од Dirty Dancing.

 

img_9780

 

Како се запозна со pole dance fitness?

Случајно слушнав дека постои студио за pole dance fitness (Pole People Skopje), а спортов го знаев уште од самите почетоци кај нас. Бев премногу мала за да се занимавам со овој спорт, со оглед на тоа како луѓето гледаа и гледаат на овој спорт. Затоа што немав избор, решив да правам планови кога би почнала и како би се одвивало тоа, со оглед на тоа што немав тренирано никаков спорт претходно. Конечно во 2014 година го започнав моето патување наречено „pole dancing”.

 

img_9817

 

Кои се најголемите придобивки од pole dance fitness? Дали влијаеше на твојата самодоверба?

Pole-fitness/Pole dance како спортска дисциплина е комбинација од гимнастичарски и акробатски елементи така што придобивки има од различен карактер: јачина, флексибилност, рамнотежа, координација, голема физичка подготвеност, чувство за ритам, контрола на секое движење и самодоверба.

Кога станува збор за самодовербата, pole dance fitness имаше огромно влијание на мене. Кога разбираш дека си дел од таков тим и дека вежбаш некој несекојдневен спорт со исклучително комплексни движења се освестуваш дека самиот спорт ти ја кренал самодовербата на повисоко ниво.

 

img_9792-copy

 

На pole dance fitness честопати се гледа како нешто вулгарно и непријатно. Кој е твојот коментар за ова?

Мислам дека е сосема нормално луѓето да имаат таков поглед кон овој спорт, особено поради задолжителната или препорачлива опрема (бикини топ и шорц), која мора да биде соодветна за телото, лесно да се залепи (грипне) за шипката за да може да се изведуваат движењата.

Самата голотија што се гледа за време на некој натпревар или изведување на точка е една од главните причини за предрасудите. Јас лично сметам дека тука тоа уште ќе побудува такви реакции кај луѓето, се додека не се освестат дека се работи за спорт, нормален како секој друг спорт.

 

img_9847

 

Кој е твојот совет за жените кои сакаат да се пробаат во овој спорт, но немаат доволно храброст?

Јас сум поддржувач на овој спорт од самиот почеток и од моментот кога дознав дека баш секој може да вежба Pole Fitness. Сè што ти е потребно е само желба и дисциплина. Сите кои се прашуваат зошто уште не почнале, време е да си дадат шанса, да се пробаат во овој спорт. Исто така постојат различни степени на интензитет на вежби и движења, така што мој совет е доколку некој веќе неколку пати се сретнал со овој спорт, да не се откажува и суди по првите неколку тренинзи, зошто на телото му треба време на адаптација на новата средина (читај: шипки, грипови, загревање, комплексни движења итн).

 

img_9800

 

Дали имаш некој рол модел по кој се ориентираш и водиш во твојата кореографија и движење?

Секако дека имам. Се работи за Marion Crampe, грациозна девојка која првично била балерина, а подоцна (цирка 2006 година) го открива pole dance fitness-от како спорт.

После 3 години тренирање таа за прв пат се пријавува да учествува на официјален натпревар и од тој момент започнува нејзината професионална кариера во pole светот. Нејзиниот стил се состои од различни видови на танц, пресврти и емоција. Моите инструкторки ја имаа таа можност да бидат дел од Pole Кампот во Пула, Хрватска каде свое предавање имаше Marion, и нивните искуства и реакции беа феноменални и максимално позитивни.

 

img_9878

 

Кои се твоите совети за почетници? Ако треба да направат 3 работи тие би билe…?

Едно нешто што е задолжително, според моите убедувања, е тоа дека секој што сака да почне да се занимава со овој спорт, мора да поседува сушач на раце без чија помош не би можел да ги изведува вежбите на шипка. Но, сепак целокупниот тренажен процес на започнува и завршува со тренингот, туку како и кај секој друг спорт, се тренира цела недела, секој ден, дали преку диета, дали преку вежбање или пак преку задолжителните истегнувања и масажи. Се работи за посветеност, дисциплина и упорност.

 

img_9892

 

Иако важи за „женски спорт”, pole dance почнува да станува популарен и кај машката популација. Видовме како Steven Retchless, светскиот pole dance fitness натпреварувач се проби на America’s Got Talent. Дали овој тренд постои кај нас? Ако не, дали мислиш дека некогаш ќе дојде?

Сè уште не, но од лично искуство можам да кажам дека едно време заедно трениравме со двајца момци со кои супер се координиравме и одлично комунициравме. Тие сè уште го сакаат pole dance-от, иако не тренираат повеќе поради конзервативноста на нашето општество. Така што дефинитивно ќе треба да помине извесно време за машката популација посериозно да се заинтересира за овој спорт.

 

Comments

comments