Што е „полу-легална клубска сцена”?

Наједноставно – настани кои се оддржуваат на места и локации кои не се наменети за тоа. И нели, како што сугерира името, честопати се организираат без знаење и дозвола од полицијата.

Ја искористивме приликата што дел од нашиот тим е моментално на business & pleasure во Загреб, па поради овој факт следниов период биди спремен за серијал на текстови поврзани со Загреб.

За почеток решивме подетално да ја истражиме овдешната полу-легална клубска сцена и да се обидеме да ги препознаеме нејзините најдобри карактеристики.

Инаку, историјата на загребската андерграунд електронска сцена влече корени од периодот по војната и распадот на Југославија (цирка 1995), кога поради феноменот наречен „претеран полициски надзор и нивниот насилен пристап кон ноќниот живот”, целата електронска клубска сцена се сели „под земја”.

Подолу се местата, артистите и лејбловите за кои досега дознавме и кои мислевме дека вреди да споделиме.

 

Masters

Masters e еден од ретките андерграунд денс клубови, сместен во центарот на Загреб – остатокот од клубовите и журките во центар се многу покомерцијaлни.

Masters (лоциран до фабриката на Краш) е клуб со rooftop (кој не сака кровови?!) и е домаќин на многу сериозно јаки електронски клубски вечери каде што пуштале музики фаци како Freilauf, Cycle, bRave и многу други артисти и од други поджанрови на електронската музика.

 

 

Petar Dundov

Petar Dundov е таткото на хрватската електронска сцена – еден од иницијаторите и реконструкторите на поствоениот хрватски клубски андерграунд.

Petar е човекот кој бил интегрален дел од легендарната Under City Rave 93’ журка во Загреб, сместена во подземен тунел кој некогаш служел за скривалиште од бомбардирањата за време на Втората Светска Војна. Тој исто така е креаторот на техно лејблот Brother’s Yard кој постои од 1996 година. Нас ни звучи како тој да е човекот кој во последните 20 години ја „контролира” техно сцената во Хрватска. Нешто како кум.

 

 

Popsimonova

Popsimonova е позната по своите необработени индустриски техно звуци и прогонувачки вокали. Позади себе има издадено повеќе синглови и миксови вклучувајќи го и Electronic Emergencies, кој е дел од нејзиниот деби соло албум Brokedown Palace издаден во 2015 година. Исто така Popsimonova е позната и по своите колаборации со артисти како NRSB-11.

 

 

Ekstrakt

Ekstrakt е музички колектив од 4ца ДЏ-и (Ganik, Labud, Mimi и Novell). Во зимските периоди знаат да организираат журки во напуштени локали, фабрики и сквотови, а додека пак во летните месеци организираат настани на отворено, како на пример на планината Медведница. Сепак Ekstrakt не се стриктно активни само во „полу-легалната клубска сцена”, можете да ги најдете и на разно-разни „обични” места и локали низ Загреб.

 

 

Stereotip

Кога Stereotip најавува журка, во Загребската електронска сцена има тотална хистерија. Stereotip е под директна „контрола” на DJ Marijan Felver, и според локалците, во трите години колку што постои Stereotip, имаат „окупирано” простори како старата кино сала, стара социјалистичка спортска училишна сала и МСУ во Загреб каде се случиле едни од покул журките во последните неколку години. Да, и Stereotip е дел од тек-хаус сцената.

 

 

Confusion (CFSN)

Confusion, или CFSN, е мултидисциплинарен музички колектив на дџ-и, продуценти, клубски промотери и организатори на фестивали кои ја имаат една од главните улоги во алтернативната електронска сцена во Загреб. Под капата на CFSN свои настапи имале Kode9, Autechre, The Bug, Machinedrum и Pearson Sound, како и нивниот фестивал Illectricity, кој постои од 2005та година.

 

 

Živa Muzika

Živa Muzika е есенцијален дел од ЛГБТ андерграунд сцената во Загреб. Živa Muzika е домаќин на артисти од типот на Elysia Crampton, Cakes Da Killa, James Ferraro, Mykki Blanco, Planningtorock и Visionist. Иако Živa Muzika е поприлично популарен лејбл меѓу локалците и организатор на клубски вечери, сепак работат со мали буџети и поради тоа организираат настани кои се одвиваат во мали места, барови, мини театри и импровизирани клубови. Имаат одлични аудио-визуелни перформанси – барем така викаат.

 

 

Burek

Burek е издавачка куќа која е фокусирана на издавање на хаус, соул и диско плочи. Burek е промотер и организатор на журки кој поддржува локални, хрватски артисти како на пр. сеприсутен подрржувач и промотер на локалната сцена, господинот Ilija Rudmanis (нешто како нашиот стар М.П.).

 

Comments

comments