Оригиналната верзија од интервјуто е објавена во Портрет (Август 2016)
Фотографии: Елена Фиданска

 

Неодамна, на потешкиот начин моравме да научиме дека – ако на долг пат немаш клима во кола, треба да имаш барем добра музика. Поради тоа, а во комбинација со пар други причини, како прва соработка со „Пoртрет“ се одлучивме да споделиме три „наши” бендови кои планираме да ги слушаме (не само) во кола накај плажа.

Еден од нив е Khara. Инструментален пост-рок бенд од Куманово формиран во 2014-та година. Тие пред само неколку месеци го издадоа својот прв студиски албум – „There Were Heroes Amongst Us”.

Ако ги сакаш Mogwai, Explosions In The Sky и This Will Destroy You, тогаш најверојатно ќе ти се допаднат и Khara.

 

khara-3

 

Која е приказната за вашите почетоци?

Се започнавме случајно, свирејќи секој по различни бендови пред тоа. Некои од нас почнаа да слушаат пост-рок музика, па од таму се роди идејата заедно да направиме бенд. Во октомври 2014 се роди Khara.

 

Ве запознавме преку песната (и спотот) „Ode to Edwin J. Hill”. Кој е Edwin J. Hill?

Најпрвин, целиот албум „There Were Heroes Amongst Us” е тематски поврзан со војна и хероизам. Edwin J. Hill бил капетан на американскиот брод USS Nevada при нападот на Pearl Harbor. Во целата паника, неговиот брод тргнал додека сè уште бил закотвен на пристаништето. Edwin скокнал, пливал наназад и со голи раце го ослободил бродот. При враќањето назад бил убиен од авионска бомба. Заради неговите акции тој е еден од првите добитници на Medal of Honor. Токму заради тоа мислевме дека е вреден да се спомне во нашите песни.

 

 

Имавте IndieGOGO кампања за да го спремите вашиот прв албум. Како помина кампањата? Дали crowdfunding е добар начин за македонските музичари да дојдат до финансии? Имате ли совет за сите музичари кои се соочуваат со финансиски проблеми поврзани со својата работа?

Кампањата помина солидно. Не ја постигнавме нашата цел, но сепак успеавме да завршиме сè – со средствата собрани преку IndieGoGo, а надополнети со средствата од нашите спонзори.

Crowd-funding-oт е многу интересна опција за музичари, но претежно функционира во западна европа, каде музичката култура е на многу повисоко ниво и луѓето знаат како да ги поддржат бендовите.

Наш совет за сите бендови е, доколку нешто сакате, мора да се снајдете, да бидете досадни, бидејќи никој нема да ви даде ништо само така и одеднаш.

 

IMG_2649

 

Вие сте од Куманово. Кажете ни нешто повеќе за кумановската рок сцена. Има ли некои други интересни, нови бендови?

Пополека се развива и нашата сцена. Многу млади дечки како нас пробуваат да направат нешто различно. Имаме различни артисти како NBK & Twister, Madara, Drioma, TV RageMinstrel’s Gallery, Cursed Heart, Ki и многу други.

 

Што означува името на бендот?

Името на бендот потекнува од монголска митологија. Имено, еден од првите шамани се нарекувал Morgon Kara. Му го земавме презимето и додадовме една буква, чисто онака, естетски.

 

IMG_2584

 

Едвај чекаме да ве гледаме на концерт. Каде и кога ви се следните настапи?

Моменталнп правиме мала пауза и на крајот од август продолжуваме со концерти. Најпрвин свириме во Софија, Призрен, Приштина и Нови Сад, а се надеваме дека ќе успееме да организираме и самостоен концерт во МКЦ, некаде октомври или ноември оваа година.

 

Кои се трите актуелни македонски и странски артисти кои според вас, треба да ги знаеме?

Сигурно има повеќе од 3 бенда кои би сакале да ги спомнеме, но сепак еве, битолскиот состав Red Sails Billow, другарите од Leitmotif и Fighting Windmills и еден скоро нов бенд YÖU. Од странски има многу, но би ги препорачале бендови кои не се толку познати на наша територија како The Twilight Sad, I Like Trains и М83.

 

IMG_2592

 

Comments

comments