Ако некој некаде и од не знам каква причина се одлучи да ме праша „По што ќе го паметиш овој октомври?” мојот одговор би изгледал вака:

Премиерата на Blade Runner 2049 (топла препорака), тапа помината Бела Ноќ и секако Skopje Jazz Festival 2017, кој традиционално секој октомври е дел од скопскиот културен живот.

Skopje Jazz Festival е скопска приказна која многу природно и спонтано се развива и шири низ генерациите кои доаѓаат и си заминуваат, притоа оставајќи евидентна трага врз нивните животи.

Овој фестивал, како еден генератор на култура и промотер на „она што е добро и квалитетно од светот на џезот”, остава кај своите фанови многу различни типови на импресии – воодушевеност од конкретен музичар, свежо аудио-визуелно искуство или пак неверојатниот дизајн на веќе-па-легендарните постери.

Овој пат се фокусираме на џез-фестивалските постери и на моментот дека едвај чекаме да го дознаеме следниот. Со таа цел ги прашавме оние кои знаат повеќе, односно неколку македонски графички дизајнери: „Кој е најдобриот постер од Skopje Jazz Festival досега”?

 

 

Небојша Гелевски

Година: 2000
Дизајн: Славимир Стојановиќ  –  Футро

Постерот беше пресвртница во дизајнот, премин во минималистички, чист (векторски) формат. Вистинско освежување и бегство од налицканата фото (и фотошоп) „ера“ на постери на Skopje Jazz Festival (1995-1999). За мене ова е најдобриот постер од Skopje Jazz Festival!

Брилијантна е идејата за излегувањето на линијата од нотното петолиние и нарушената симетрија, непослушноста кон редот и хармонијата на паралелите, алудирајќи на џезот како некаква асиметрија во музиката.

Од Skopje Jazz Festival очекувам нов исчекор, бидејќи предолго трае периодот на варијации со минималистичкиот дизајн (
2000-2017). Skopje Jazz Festival секогаш имал храброст и истенчен вкус за добар дизајн, очекувам дека ќе нè изненадат следната година.

 

 

Дијана Димитриевска

Година: 2014
Дизајн: Karlo Medjugorac

Меѓу градиент од пригушени рефлектори, во тензична атмосфера на штотуку не започнат сценски настап, дводимензионално петолиние го открива бесконечно-димензионалниот музички свет што го содржи. Супер дизајн на Karlo Medjugorac.

 

 

Таби Азири

Година: 1998
Дизајн: Славимир Стојановиќ  –  Футро

Со предумисла ја одбрав зелената верзија на постерот од Skopje Jazz Festival 1998 година затоа што мислам дека беше еден храбар потег од страна на фестивалот да донесе постер што прв пат беше виден во 1995 година, иако на многумина тоа можеби им изгледа мрзеливо. Мислам дека двата постери (95-98) целосно ја понесоа постер сцената на Балканот и дефинитиво претставуваат еден „Еурека“ момент.

Беспрекорната естетика на постерот од 1995 година е главната причина поради која го држам во близина на срцето, но другиот пресуден фактор е и филозофијата која jа вградува, а тоа е единствениот Skopje Jazz Festival постер чиј фокус го надминува инструментот. Иако централно во делотото гледаме труба – таа истата е минијатуризирана со цел да се даде простор за раката на уметникот, во која што инструментот е само алатка.

Постерот започна нов жанр на постери кој продолжи до 2000-те, во кој период почна минималистички графички бран, кој е присутен и денес во редуцирана форма.

 

 

Илија Димкоски

Година: 2013
Дизајн: Таби Азири

Импресивен дизајн!

Од една страна префинет минимализам, екстремнo чист, моќен визуелен израз и меморабилен визуелен идентитет, а од друга страна мошне вибрнатен концепт кој изобилува со динамика и разиграност, што несомнено e ЏЕЗ.

Палетата на бои, сината позадина, баш онаква каква што е и позадината на џезот – „сини ноти”, во комбинација со оригиналните монохроматски тонови на дирките е чисто задоволство за гледање. Типографијата пак е впечатлива и рационално позиционирана.

Посебно ме импресионира тоа што елементите на дизајнот совршено функционираат кога неколку постери ќе се позиционираат еден до друг, создавајќи еден вид визуелен ритам кој го интензивира чувството на артистичка експресија и ја акцентира најкарактеристичната особина на џез музиката – импровизацијата.

 

Comments

comments